Ова се одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за книжевната продукција во изминатата 2020 година, што ги донесоа жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти. На Конкурсот распишан во текот на декември минатата година беа поднесени вкупно 64 книжевни дела во конкуренција за петте награди, соопштија од Друштвото на писатели.
Комисиите работеа во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров (за проза); Борче Панов (претседател), Љубинка Донева и Снежана Стојчевска (за поезија); Глигор Стојковски (претседател), Кристина Николовска и Елизабета Бандиловска (за критика и есеистика); Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), Мишел Павловски и Игор Крајчев (за литература за деца) и Христо Петрески (претседател), Делвина Керлуку и Лејла Шериф Емин (за книга-мост меѓу националностите).
Наградите ќе им бидат врачени на добитниците од страна на претседателите на комисиите според безбедносните протоколи и видео-записот од врачувањето ќе биде објавен во електронските медиуми и доставен до телевизиските медиуми во знак на празнување на денот на ДПМ (13 февруари), кога се навршуваат 74 години од основањето на писателската асоцијација.
„Ова празнување, како и низа поетски читања и настани во текот на годината, што ќе се организираат во живо или онлајн во согласност со пандемиската ситуација, ќе бидат пронижани со чествувањето на книжевниот великан и прв претседател на ДПМ – Блаже Конески и одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање", стои во соопштението.