„Матеј Фенер е освежување во македонската поетска сфера. Неговата определба се семиотиката и знаците на тајното писмо. Тој се претставува како поет кој се стреми да направи синтеза на традиционалното и метафизичкото. Низ лирската вокација со богат спектар на асоцијации, стиховите сами ќе си ги пронајдат своите рефлексии кај читателите, кои со големо задоволство ќе ги откриваат тајните поетски знаци... знаците на поетот кој егзистира низ вековите, бидејќи и светот е постанат од Зборот...“, бележи во рецензијата за делото поетот и книжевен критичар Мирче Нешовски.
Матеј Фенер е роден во Скопје на 29 ноември 1996 година. Основно и средно образование има завршено во родниот град, а Филолошки факултет студира во Прага. Уште во основно училиште се истакнува со своите поетски творби. Некои песни ги публикува во периодичните списанија уште во средното училиште, а во последниве неколку години објавува стихови и во електронските списанија и медиуми.