Во издание на „Авант прес“

Објавена книгата „Средби и разговори“ од Томислав Османли

Излезе од печат книгата „Средби и разговори со доајените на нашата уметност“. На повеќе од 150 страници текст книгата донесува шест разговори реализирани пред повеќе од 30 години со наши истакнати дејци, родоначалници на неколку области на уметничкото творештво: двајца актери, двајца сликари, еден филмски творец и еден истакнат резбар. Овие повеќечасовни разговори на авторот и новинар Томислав Османли, кои поради ограниченоста на новинскиот простор, биле делумно објавувани на цели страници во весникот „Нова Македонија“ под заедничкиот наслов „Средби со доајените“, а еден и во неделникот „Млад борец“, сега за првпат се објавуваат целосно.

Во интересните искази на театарскиот ветеран уште од времето на патувачките трупи, и филмски првенец Петре Прличко, академскиот сликар педагог и академик Вангел Коџоман, големиот муралист и сликар Борко Лазески, нашиот најистакнат копаничар Славе Атанасоски-Крстанче, пионерот на македонскиот филмски документаризам и фотографија Благој Дрнков и доајенот на професионалната театарска сцена Тодорче Николовски, дефилираат возбудливи животи, пионерски придонеси, културно и национално клучни или барем бележити епизоди на соговорниците, но и бројни ликови како на значајни, така и на подзаборавени и денес малку познати личности со кои се вкрстувале животните врвици на шестмината творци.

Книгата „Средби и разговори“ е своевидна временска капсула, зашто низ изворна реч и сведоштва на шестмина од редот на нашите најзначајни уметници и дејци кои, одамна веќе, заминаа на онаа страна од македонскиот дел на културната вечност, се реконструира сликата на личниот ентузијазам, вриежот на историските времиња, пречките на кои наидувале низ своите животни врвици, анегдотите, ризичните, но и среќните игри на случаи, како и полетот со кој го пробивале патот на своите врвни уметнички кариери...

„Средби и разговори со дојените на нашата уметност“ е пријатно, но и возбудливо четиво какво што може да го напише животот во историски времиња. Таа е сведоштво за тоа како личните креативни постигања се вградувале во општата вредност на македонската национална култура во новоформираната државност и дел од културниот идентитет кој не престанува да трае.

Книгата - која е издание на „Авант прес“ од Скопје чиј главен уредник е Горјан Лазаревски - ликовно и графички ја уреди Симе Шундуловски, лектурата која исцело внимаваше на изворниот говор и изрази на дамнешните соговорници, ја реализира Елизабета Конеска.

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе