Објавена книгата „Даница Ручигај и книжевната критика“ на Свето Стаменов и Искра Чоловиќ

Деновиве од печат излезе книгата „Даница Ручигај и книжевната критика“ на Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.

И оваа најнова книга на Стаменов и Чоловиќ, како впрочем и претходната „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020), е резултат нa нивното дводецениско истрајно пасионирано истражување на животот и на творештвото на првата македонска поетеса и основоположничка на таканареченото женско писмо во македонската поезија и литература воопшто.

Даница Ручигај трагично го загуби својот живот во катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри” беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот” постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Зашто, таа со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Таа и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста – поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање, збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас. Во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда, наведуваат авторите на книгата.

Книгата „Даница Ручигај и книжевната критика“ содржи седумдесетина критичарско – есеистички видувања, толкувања… на триесетина автори, книжевни критичари, есеисти, универзитетски професори, поети, новинари…, кои од свој агол фрлаат светлина врз творештвото на првата дама на македонската поезија, почнувајќи од првата рецензија на Иван Чаповски на „Сребрени ноќни игри“ во весникот „Студентски збор“ во април и освртите на Петре М. Андреевски и Александар Ежов од мај 1960 година во „Разгледи“ и „Современост“, па се до август 2021 година и последните осврти на Ана Витанова – Рингачева, Елена Пренџова, Марина Мијаковска и Милан Јазбец, напишани специјално за оваа книга.

Не сакајќи никого посебно да истакнат, Стаменов и Чоловиќ, сепак, ги издвојуваат Кристина Николовска и Васил Тоциновски поради нивното континуирано интересирање, занимавање и творечки ангажман и според бројноста на текстовите, чии текстови (осврти, есеи, критики, рецензии, пригодни обраќања на промоции), слободно може да се каже, можат да состават по една мала книшка – монографија за поетскиот подвиг на Даница Ручигај, како и: Иван Чаповски, Александар Ежов, Бранко Варошлија, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Матеја Матевски, Јасна Котеска, Ирена Павлова де Одорико, Александар Прокопиев и Милан Јазбец, кој заедно со Вили Еинспиелер, Лара Миховиловиќ, Аленка Арбитер и Маја Ковач, е најзаслужен за пробивот на Даница Ручигај во словенечката културна јавност. Но, и: Петре М. Андреевски, Миодраг Друговац, Виолета Христовска, Радован Павловски, Радован Виденовиќ, Весна Мојсова – Чепишевска, Светлана Христова – Јоциќ, Мирјана Стојановска, Људмил Спасов, Јелена Лужина, Данило Коцевски, Снежана Алексиќ – Станојловиќ и Никола Алтиев. Тие во нивните богати творештва одделија време и место и за текстови посветени на Даница Ручигај.

За истакнување е и освртот на Синан Гуџевиќ од Загреб за Даница, преку кој хрватската културна јавност, за првпат по речиси седум децении, повторно имаше можност да ја запознае првата дама на македонската поезија. Она што, пак, и дава посебен белег на оваа книга и што претставува посебно задоволство е дипломската работа на младата словенечка македонистка Маја Ковач „Поетскиот опус на Даница Ручигај“, која таа ја одбрани минатата година на Филозофскиот факултет во Љубљана, напишана и одбранета на чист македонски јазик, која како прилог во целост е објавена во книгата.

Рецензенти на книгата „Даница Ручигај и книжевната критика“, која авторите Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и ја посветуваат на сестрата на Даница Ручигај, Златица Ручигај – Поповиќ, во знак на благодарност за огромната поддршка и помош, се: проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија, универзитетски професор и познат словенечки писател и поет, и доц. д-р Ана Витанова – Рингачева, раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Свето Стаменов и Искра Чоловиќ се автори и на книгите посветени на првата македонска поетеса: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019) и „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020), како и на антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“ (2018), а беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, која беше објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година. 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе