Нова книга на Мишо Китаноски, збирка раскази „Прстен и парфем“

„Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен?“ е само едно од големите прашања на кои авторот Мишо Китаноски дава свој, до некаде фиктивен одговор, во збирката раскази „Прстен и парфем“, што ќе биде промовирана вечерва на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“.

Ова дело е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача преку веб-страницата www.literatura.mk

Меѓу останатите прашања на кои писателот Китаноски дава свој одговор се и „Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа?“ и „Зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан?“, „Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села?“; „Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун?“; „Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие?“ и други.

Онлајн-промоцијата ќе ја води уредничката на „Прстен и парфем“, Бисера Бендевска, која со авторот ќе разговара на теми поврзани со оваа збирка раскази.

Китаноски е новинар и бил уредник и главен и одговорен уредник на повеќе весници и списанија. Ги објавил книгите „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни) и „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија: „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници.

Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици. Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. 

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе