Нова книга на Или-или, „Неми филмови“ oд Димитар Димоски

Од печат излезе збирката раскази „Неми филмови" од Димитар Димоски, како 176 издание во едицијата „ПРОаЗА" на издавачката куќа Или-или.

Димитар Димоски (1992) е роден во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016). Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид. За својата прва објава, авторот Димоски вели:  „Оваа книга е збирка од 12 подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото почнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го наговестува она што понатаму следи, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат. Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме“.

Во поговорот во книгата, писателот Ненад Јолдески потенцира:

„Неговото прво дело „Неми филмови“ претставува збирка раскази кои авторот ги пишувал во текот на неколку години. Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои - ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено нѐ води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот.

Низ расказите провејува една топографска нестабилност, удвоени и исплетени нарации, а стилски книгата понекогаш продира отаде границите на магичниот реализам и надреализмот, па така авторот, доживувајќи го расказот како еден „краток миг“, мала мини експлозија, умешно го полни неговото јадро до самиот крај, до точка на потребен притисок кој завршува во малечок микрокосмос“.

Со години наназад Или-или ги поддржува македонските дебитантски автори. Румена Бужаровска, Снежана Младеновска Анѓелков, Ирена Јорданова, Давор Стојановски, Силвија Митевска, Игор Анѓелков... своите први книги ги издадоа токму во/за Или - или. Оваа низа на најдобар можен начин ја продолжува Димитар Димоски со својата дебитантска збирка раскази. 

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе