Нова поетска книга во издание на Виг Зеница од Скопје

„Неминовен молк“ од Глигор Стојковски

Во издание на ВиГ Зеница од Скопје, деновиве од печат излезе новата поетска книга на Глигор  Стојковски насловена „Неминовен молк“.  Станува збор за стихозбирка од 26 густи и стежнати песни, поделени во три циклуси: првиот кој го носи истото име како и насловот на поетската книга, вториот „Зад билката, молк“ и третиот именуван „Преку мостот“.

Глигор Стојковски им припаѓа на оние минуциозни автори кои слично на јувелирот, барајќи го перфектниот глас и израз на песната, се навраќаат на своите творби и одново ги брусат. Така, новата објава на нашиот познат поет спојува и нови пеења и креативни препрочити на една негова претходна поетска книга. Во кусата авторска белешка Стојковски објаснува: „Првиот циклус 'Неминовен молк' се нови песни; вториот и третиот, всушност се истоимената поетска книга „Зад билката,  молк“ што беше објавена во 1995 година, но толку се изменети што и тие се – нови“.  

Книгата „Неминовен молк“ носи поезија длабоко замислена над конечноста. Таа пее низ свовидни тажаленки за минливоста на убавите моменти на животот. Тоа пеење е едноставно, навидум лесно затоа и читливо, а всушност густо, искрено доживеано и филозофски стежнато. Во пеењето на Стојковски се мешаат тажниот спокој, тивкото, лирично страдање и – носталгичните огревања од занесните животни мигови неизбришливо забележани во интимата на сеќавањата. Тоа е поезија на еден зрел автор со животен опит и воопшто поезија на творец што меланхолично, а сепак топло и тивко сведочи за трагиката на пасатизмот на животот.

Глигор Стојковски е автор на петнаесетина поетски книги, меѓу кои се издвојуваат „Починка во чисти честички“, „Пајак“, „Очно дно“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Око заборавено на небото“, „Порој“, „Земјата сама ќе се отвори“, на изборот „Капка оловно небо“. Со стихозбирката „Заборавено око на небото“ во 1997 година стана лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“. За своето творештво е добитник е и на наградите „Кочо Рацин“, „Нарциса“, а пред четири години за поемата „Кирил 1830-Кирил 2001“ ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2015 година.  

Пред две години овој писател ја објави поетската книга „Божја честичка“, една комплексна поетска книга во која постоењето го доживува како брз блесок среде вечната космичка ноќ. Во „Неминовен молк“, пак, Глигор Стојковски се задлабочува во тажниот микрокосмос во кој тивко, неостено, непрекинато се бришат човековиот живот и среќа. Зад нив, според деликатното поимање на поетот, како сенката зад билката, цути метафизичкиот молк.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе