На Мостот на поезијата свечено затворени „Струшките вечери на поезијата“

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Свеченото затворање на манифестацијата годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата.

 

„По две години тишина, Мостот на поезијата ќе пулсира од ритмичните стапки на светските поети. Тишина, која како поетска цезура, става печат на значењето на она што беше пред неа и она што следува“, рече на отворањето актерката Софија Насевска Трифуновска.

Годинешниот лауреат, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот, а признанието во негово име го прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.

Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Манифестацијата беше надополнета со изведбата на бендот „Пијан славеј“, кои во текот на вечерта изведоа три песни „Вистината нудист“, „Штета“ и „Клинч“.

Директорот на „Струшките вечери на поезија“, Тодорче Тасевски, истакна дека годинава за време на отворањето на фестивалот понудиле смел и нов концепт, а тоа е авторска преработка на песната „Т’га за југ“. Режијата на настаните се на познатата македонска режисерка Зоја Бузалковска, сценографијата на ОТП студио, а дизајнот на плакатот на струшкиот уметник Енкел Дика.

„Можам да кажам дека сум задоволен од изданието. Поради метеролошки услови свеченото отворање беше на летната тераса на хотел „Дрим“. Фестивалот по две последователни изданија во изминатите години во услови на ковид-пандемија, оваа година се вратија во препознатливиот формат“, изјави Тасевски.

Тасевски посочи дека посебен белег на фестивалот дал и импресивниот настап на јапонски композитор и пијанист, Кенсаку Таникава во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Св. Софија“ во Охрид.

Освен вообичаените публикации, оваа година ја издадовме антологијата „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја нагласи врската помеѓу поезијата и музиката како што таа врска е потенцирана и во мотото на годинешното издание „Ритамот на стихот, ритам на животот“ - додаде Тасевски.

Фестивалот традиционално ќњ заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи денеска во „Даутпашиниот амам“ со почеток во 20:30 часот.

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе