„Јазикот на кој пишувале и пишуваат тие е македонски и не може да биде никаков друг. Книжевниот систем на кој му припаѓаат, кој ги опфаќа сите варијации на оригинална и преводна литература, е македонски и никаков друг. Екстремните ставови на бугарските националисти, познати на македонската јавност од многу одамна, во овој миг како официјални државни ставови на Бугарија, како никогаш досега се закануваат да прераснат во жртвена клада на која, според нив, би требало да се изгорат илјадници и илјадници книги, кои не само со јазикот, туку и со тематиката, јасно го манифестираат својот македонски идентитет. А палењето на книги секогаш бил и е антицивилизациски чин што предизвикува морници. Ќе дозволат ли европските, македонските и бугарските политичари да се случи антицивилизациски чин од невидени размери во 21. век? Длабоко веруваме дека нема да дозволат, а напротив, ќе го додржат основниот принцип на европското обединување, кој подразбира взаемен реципрочен респект и поддршка при културната размена на различните идентитети, кои на обединетата Европа ѝ „даваат душа“ и ја прават нешто поголемо и позначајно од заеднички пазар. Веруваме дека и бугарските колеги-писатели, или барем некои од нив, ќе имаат разбирање за нашата загриженост и ќе ни дадат поддршка во одбивањето на погубните политики кои не водат кон ништо добро“, се вели во отвореното писмо на Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на ДПМ.
- Македонија
- Спорт
- Свет
- Забава
- Култура
- Кујна
- Фото
- 90НОВИ / 24h
- 1 од 15
- следно ›
- Контакт