Македонската култура во балкански контекст

Тој втор дел од трудот на Раде Силјан покажува колку силно и достоинствено македонската литература и култура стојат меѓу другите балкански култури. И колку жални и глупави се обидите на искомплексираните соседи од таа предност и достоинство да ги негираат и македонската култура и македонскиот јазик. А тој комплекс притоа лежи во основата на нивните литературни јазици.

Суштината на новата книга на Раде Силјан „Предизвици“ („Матица македонска, 2020) длабочински го надминува насловот, иако е поврзана со него. Поетот и литературен истражувач го прифатил предизвикот да ја претстави историјата на македонската култура на еден нов и многу оригинален начин. Македонската култура, претставена и анализирана од Силјан, е жива, полна со енергија и сјај. Притоа, таа е „насликана“ преку нејзините човечки, творечки и духовни врвови, затоа што се знае дека силните индивидуалности, големите личности ги прават културата и историјата.

Оригинален е и потфатот на авторот да ја покаже историјата на македонската култура преку циклуси за прозаисти и поети, за драматурзи, за фолклористи, за истражувачи на македонската уметност. Во тие циклуси се расположени портретите и профилите на Димитар Миладинов, Кочо Рацин, Никола Јонков Вапцаров, Блаже Конески, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Владимир Костов, Ташко Георгиевски, Светлана Христова-Јоциќ и др. За секој од тие македонски великани Раде Силјан има пишувано многупати и е автор на темелни истражувања за нив. Целта му е овде да го синтетизира накратко, лаконски, како библиска сказна нивниот придонес за македонскиот идентитет, јазик и дух, и преку тоа да го покаже континуитетот на македонското постоење. На истиот начин е анализирано творештвото на нашиот славен драматург Горан Стефановски, на создавачот на македонската фолклористика Марко Цепенков и на неговите следбеници Кирил Пенушлиски и Танас Вражиновски, на култниот доајен на македонската уметност Димитар Ќорнаков, на врвните македонски сликари Васко Ташковски и Коле Манев.

Специфика на трудот на Силјан е тоа што приказната за македонската култура се одвива преку личностите и преку самите творби. Затоа што, творбите се дело на личноста, но и само една голема творба може да биде патоказ не само кон нејзиниот создател, туку и кон духот на времето, кон македонските народни традиции. На тој начин е покажан творечкиот пат на Блаже Ристовски, додека пак во анализата за четиритомното издание „Македонската борба за слобода“ сме сведоци на двојна слика. Од една страна, со јазикот на фактите познати македонски историчари ја презентираат вековната голгота на македонскиот народ. Од друга страна, преку таа широка слика и самите историчари се презентираат како следбеници на македонските херои.

Кога пишува за македонските творби, авторот прави длабок осврт за улогата на книгите (истовремено со народниот фолклор, на приказните и легендите) за зачувување на македонските народни традиции. Тука е и Светото писмо (Библијата) интегрално преведено на современ македонски литературен јазик, каде што името „Македонија“ и „Македонци“ е спомнато 28 пати како различно од „Ахеја“ (Хелада) и „Хелени“. Тука се и словата на македонскиот светец Кипријан Слепченски, тука е и апотеозата за книгата како духовен трезор на народите.

За разлика од досегашните македонски автори, кои ја третираат македонската култура сама по себе, Раде Силјан ги поставил своите „Предизвици“ во балкански контекст. Затоа што да пишуваш за родното без да го анализираш во балкански и светски рамки – тоа е бесмислена работа. Повеќе години авторот ги интерпретира македонската литература и култура во балкански и светски граници. Резултат на тоа се и единствените досега антологии на балканската поезија „Светиот пат“ и на балканскиот расказ, приредени од Силјан. Таму беа вклучени не само творби од најпознатите балкански поети и белетристи, туку беше направена синтеза на општото и различното во дванаесетте балкански литератури. Во својата нова книга авторот ги продолжува споредбите меѓу македонската и останатите балкански литератури преку портретите и клучните творби на црногорскиот поет Сретен Перовиќ, на романската поетеса Каролина Илика, на бугарскиот поет Љубомир Левчев, на српскиот творец Бранко Миљковиќ. Дури излегува и надвор од балканските граници со анализата на творештвото на унгарскиот поет Шандор Петефи.

Тој втор дел од трудот на Раде Силјан покажува колку силно и достоинствено македонската литература и култура стојат меѓу другите балкански култури. И колку жални и глупави се обидите на искомплексираните соседи од таа предност и достоинство да ги негираат и македонската култура и македонскиот јазик. А тој комплекс притоа лежи во основата на нивните литературни јазици.

Цврсто и величествено на браникот на македонската култура, македонскиот дух и вистина стои самата книга на Раде Силјан „Предизвици“. Таа е предизвик за неопаметените и за македонските душегрижници, и духовна оаза за сите кои го сакаат словото и неговите врвни мајстори.

Стефан Влахов-Мицов

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе