„Македонска книжевна визита“ во Софија

Десетина македонски поети и писатели од сите генерации, од утре до 11 мај во Софија ќе бидат дел од 12-тото издание на „Македонска книжевна визита", чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија.

Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е книгоиздателството „Макавеј“, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Како што информираат од Макавеј, годинашната „Дванаeсетта македонска книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски романсиер, поет и публицист Димитар Башевски, за чие творештво ќе говорат македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.

Втората клучна содржина на манифестацијата е промоцијата на специјален двоброј на македонското книжевно списание „Книжевно житие“, што е посветено на 25 современи бугарски поети. Најимпресивниот настан на визитата, како што посочуваат, ќе биде бугарско-македонскиот поетски митинг на кој ќе настапат искатнати пера на двете земји: академик Радован Павловски, Бојан Ангелов, Димитар Башевски, Димитар Христов, Зоран Анчевски, Николај Шопов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Санде Стојчевски, Иван Есенски, Драгана Евтимова, Иван Гранитски, Гоце Ристовски, Атанас Звездинов, Душко Крстевски, Петар Андасаров, Весна Ацевска, Надја Попова, Ѓоко Здравевски, Владимир Левчев, Диме Ратајковски и Кети Бозукова.

Традиционално, и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е писателот, книжевен иследувач и и издавач Пламен Тотев, кој во својот опус има десетина книжевни и публицистички дела, a како сопственик на книгоиздателствата „Персеј“ и „Изида“ објавил и афирмирал дела од 20-тина македонски писатели на бугарски јазик.

Според Макавеј, еден од најдрагоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија. Во таа смисла наградата „Македонски книжевен Дедал“ која „Макавеј“ ја доделува на секое издание од оваа манифестација придонесува да се оформи во изминатата деценија нова група квалитетни преведувачи (најчесто, истовремено и писатели) кои безрезервно ја согледале квалитетната и специфична мисија на македонската литература.

„Меѓу најголемите нејзини афирматори се угледните современи бугарски писатели и преведувачи: Петар Караангов, Иван Гранитски, Бојан Ангелов, Елка Њаголова, Димитар Христов, Николај Шопов, Роман Кисјов, Здравка Итева, Тања Попова, Петар Андасаров и др. Овие преведувачи, кои се и афирмирани автори на бугарската литература, заедно придонеле околу 60 дела од македонски автори во изминатата деценија да бидат пласирани и афирмирани на бугарската книжевна сцена, во копродукција на Макавеј со бугарски издавачи“, наведуваат од Макавеј.

Учесниците на манифестацијата и оваа година традиционално ќе го посетат и ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература и крупна фигура и на современата бугарска поезија.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе