АНТОЛОГ

Книгите „Животот почнува во петок“ и „Чик“ добија превод на македонски јазик

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ги објави романите „Животот почнува во петок“ од современата романска писателка Јоана Парвулеску и „Чик“ од предвреме починатиот Волфганг Херндорф.

Книгата „Животот почнува во петок“ од Јоана Парвулеску е добитник на Европската книжевна награда за 2013 година. Преводот е на Ермис Лафазановски.

Во 1897 година на едно поле близу Букурешт пронајден е онесвестен маж. Никој не го познава и секој има различни претпоставки: дали е дојденец од странство кој сака да си ги сокрие трагите? Дали е криминалец? Болен човек?

Дејството на овој напнат роман, кој наликува на полициски трилер, со неверојатно живи личности со кои читателот лесно се спријателува, се случува во период од 13 дена, од петок 19 декември до крајот на годината. Атмосферата на Букурешт од крајот на векот е пренесена небаре на филм. Доволно е да ја отворите книгата и веќе сте таму. Романот е објавен со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Јоана Парвулеску е еден од најважните гласови на современата романска книжевност. Дипломирала на Факултетот за книжевност, каде и предава од 1996 година. Докторирала на тема книжевни предрасуди. Преведува книги од француски и од германски јазик. Членка е на Друштвото на писатели на Романија.

Ермис Лафазановски е македонски преведувач, раскажувач, романсиер, историчар и теоретичар на литературата. Роден е во Клуж, Романија, на 8 декември 1961 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор е по филолошки науки. Работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Претседател е на Македонскиот ПЕН-центар.

Романот „Чик“ од предвреме починатиот Волфганг Херндорф е добитник на високи книжевни награди, како Наградата за најдобра книга за млади во Германија, потоа наградите „Клеменс-Бретано“ и „Ханс-Фалада“. Само во Германија книгата се има продадено во повеќе од милион примероци. Во моментов се снима истоимениот филм во режија на познатиот германско-турски режисер Фатих Акин. Преводот на македонски е на Душанка Каевска.

„Чик“ ја раскажува приказната за пријателството помеѓу двајца средношколци. Мике Клингенберг нема пријатели. Тој верува дека тоа е така затоа што е досаден, што му се свртува во глава кога не добива покана за забавата на годината што ја организира најпопуларната девојка во училиштето.

Со оглед на тоа дека мајка му е алкохоличарка што е на рехабилитација, а татко му е на службено патување, на Мике сите денови му се исти. Сè дури едно ново, малку чудно дете со потекло од Русија, не се појави во неговиот дом. Бидејќи немаат што да прават, освен да се додеваат и да играат видеоигри, Мике и Чик решаваат да одат на патување без дестинација, географска карта или без мобилни телефони. Ќе го погрешат патот, ќе извршат неколку кривични дела и ќе се запознаат со ексцентрични луѓе. Но едно нешто е сигурно: доколку воопшто се вратат, ниеден од нив нема да биде досаден повеќе.

Романот „Чик“ (2010) цела година котирал на листата на бестселери во Германија. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Волфганг Херндорф (1965-2013) бил германски писател. Студирал ликовна академија. Работел како илустратор. Бил активен блогер и член на националниот фудбалски тим на писатели „Автонама“.

Душанка Каевска е професионален преведувач. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала англиска и германска литература во Ахен, Германија. Ги преведувала на македонски Франц Кафка, Херман Брох, Карл Густав Јунг, Тимур Вермеш и други. Живее и работи во Германија.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе