Поетска промоција

Книгата „Треба да е лесно“ на Снежана Стојчевска ќе биде промовирана на третиот „Букстар“

Во склоп на Фестивалот на европска литература „Букстар 2017“, на 26 октомври (четврток), во МКЦ Клуб-ресторан, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Книгата ќе ја промовираат Ана Голејшка, Јосип Коцев и Славица П. Диневска.

„Најновиот поетски ракопис на Снежана Стојчевска е силно сведоштво дека таа умее непосредно и неусилено да ги ’(пре)сретне‘ и да ги овековечи поетски вредните мигови, како, на пример, длабоко доживеаното екстатично сознание дека ’Светот е убав. / Убави сме и ние во него‘. Вредноста на оваа поезија, меѓу другото, е во тоа што во неа вешто се опеваат и се слават токму миговите за кои вреди да се живее. Та затоа воопшто не нѐ изненадува тоа што и оваа најнова стихозбирка изобилува со антологиски љубовни песни, чија непоматена аура се доловува со мотото: Се прелевам / како чаша од која претекува вода сум / полна љубов. Поетската интуиција на Снежана Стојчевска ја опева трансформативната моќ на љубовта: токму кога вистински и интензивно се љуби светот станува убаво место за живеење“, напиша рецензентот Владимир Мартиновски.

Илустрацијата на корицата на книгата „Треба да е лесно“ е на Александар Иванов, фотографијата ја направи Роберт Јанкулоски, главен уредник на изданието е Жарко Кујунџиски, лектурата е на Кристина Велевска, а книгата е издание на „Антолог“.

Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на „Или или“, како дел од едицијата „Русалки“ во која се јавува како уредник.

„Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа „Темплум“. Издавачката куќа „Антолог“ ја издаде нејзината најнова книга „Треба да е лесно“, која е поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија.

Снежана Стојчевска е застапена и во повеќе антологии на млада македонска поезија, како и во антологијата на албански јазик „Гласот на водата“ во склоп на Меѓународниот поетски фестивал „Деновите на Наим“ во 2015 година. Во 2016 настапува на 15. Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавена во антологија на словенечки јазик „Фестивал на антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Застапена е во антологијата „Лирски додекамерон“, приредена од проф. Владимир Мартиновски, која покрај македонско доживеа и српско издание. Настапувала и на повеќе поетски фестивали во земјава и странство.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе