Министерство за култура и ФИТР

Ќе се дигитализираат над 5 милиони записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”

Министерството за култура на Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој почнуваат процес за забрзано дигитализирање на  картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со цел да се оствари заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик.

Предизвикот е наменет за претпријатија кои можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната прес-конференција во Владата истакна дека Министерството за култура почнува проект за соодветна и итна заштита  т.е. дигитализација на над 5 милиони ливчиња.

„Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури“, појасни Стефоска. Таа додаде дека од 5-те милиони уникатни јазични записи,  досега,  за  9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. Како што рече Стефоска, тоа е премалку и пребавно и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал.

„Затоа, Владата ја поддржа потребата од итна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик“, рече Стефоска, која акцентираше дека дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, е врвен приоритет. 

„Должни сме да ги заштитиме нашата култура и богата историја и да го превенираме секој ризик по нив. Поради идните генерации“, додаде министерката за култура.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, истакна дека оваа инвестиција е од специјално и навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик и топонимијата на Македонија.

„За колку важен процес станува збор говори и податокот дека ќе се дигитализираат над 5 милиони оригинални записи на Институтот за македонски јазик ’Крсте Мисирков‘, кои се стари над 500 години. На овој начин ќе создадеме активна заштита на записите во изворна дигитална содржина, како и пасивна заштита од сите форми на ризици што можат да го оштетат или трајно да го уништат културното наследство”, рече Петров. Тој додаде дека е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, додека Министерството за култура учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100 % од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.

Апликантот треба да биде микро, мало или средно претпријатие, во согласност со Законот за трговски друштва, регистрирано во Централниот регистар, годишните приходи да не надминуваат 10 милиони евра во претходните две фискална години според финансиски извештаи и други.

Дел од активностите што ќе бидат одобрени за финансирање се: развој на решението и активности за тестирање, анализа на регулатива, комуникација со потенцијални учесници и други. Некои од трошоците што ќе бидат одобрени на проектите се бруто-плати за вработените кај водечкиот апликант, купување или изнајмување опрема и потрошни материјали во функција на проектот, под договорни услуги за истражување и развој и други.

На јавниот повик, компаниите можат да аплицираат најдоцна до 21 октомври, до 14:00 часот.

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе