РЕАКЦИЈА

Каде одат Струшките вечери на поезијата?

Откако на некои портали се појави информацијата дека „поетот Дарко Лешоски е именуван за Претседател на УО на Струшките вечери на поезијата“, на социјалните мрежи се појавија бројни реакции „за и против“, додека писателот Христо Петрески испрати своја реакција со неговите видувања за состојбата со една од најзначајните културни манифестации во државата.

„Ако се суди според последните изданија на Струшките вечери на поезијата, впрочем како и на Рациновите средби, овие две некогаш врвни книжевни манифестации се во длабока повеќегодишна криза и стагнација“ – пишува Христо Петрески во својата реакција.

„Рациновите средби речиси сосема го изгубија својот квалитет и идентитет, а на Струшките вечери на поезијата пак, за жал, не доаѓаат веќе значајни и реномирани учесници како некогаш, иако во светот сѐ уште сите слушнале и знаат за овој редок, единствен, значаен, познат и признат фестивал.

Па, денес не само што Струга воопшто не е град на поезијата, ниту Струшките вечери се вистински светски поетски фестивал.

Како и Рациновите средби, така и Струшките вечери се одржуваат по инерција, без нови креативни и иновативни содржини, со многу анонимни и случајни учесници, па ако се продолжи вака не само што е доведено во прашање постоењето, туку и одржувањето на овие книжевни манифестации за кои државата издвојува големи средства без некој поголем ефект и резултат.

Ако беше, а и сѐ уште е целта на Струшките вечери на поезијата - афирмацијата на македонската поезија ширум светот, факт е дека тоа најмалку се случува преку СВП, зашто македонската поезија не е доволно застапена и ја нема ни на СВП во Струга, а не пак во странство.

Порано барем имаше манифестација Песна меѓу две лета, а сега постои некој смешен избор за наградата ’Браќа Миладиновци‘, како глупава имитација на оскарите, каде недај боже да бидеш во петте избрани и да не бидеш избран, или да не им текне на умните сезнајковци па и добитникот на Златниот венец да го избираат на истиот начин, односно да дојдат и бидат присутни пет потенцијални лауреати, да седат едни до други, а да биде избран само еден од нив.

Струшките вечери последниве години кога Министерството за култура на Република Македонија направи вистинско обезличување и пустош во културата, а трошејќи енормни средства за не толку значајни проекти и финансирајќи, речиси, исклучиво свои партиски војници.

Министерството за култура стана најголем издавач во Република Македонија, уништувајќи ја основната дејност на издавачите, а во Струга кога се одржуваат Струшките вечери на поезијата ги нема издавачите, македонските поети и македонските читатели. Споредна и маргинализирана е улогата и функцијата на Друштвото на писателите на Македонија, па многумина со право велат дека СВП е локална манифестација која сѐ повеќе наликува на Млада Струга.

Македонската поезија и македонските автори и книги се соочуваат со сѐ помалиот број на читатели, па во таа смисла СВП треба да се врати на своите темели, цврсти основи и концепти а не импровизации, да се работи на омасовувањето на посетителите и гостите од земјата и странство, а не фестивалот да се претвора во локална манифестација, да се затвора и изолира, зашто вака е квази елитистичка, партиска, клановска, приватна и формална манифестација.

Во името на книжевноста и поезијата, се надевам и верувам дека Министерството за култура на РМ, на чело со министерот - писателот и издавач м-р Роберт Алаѓозовски, нема да продолжи по досегашниот лош пат да ги прави претходните кардинални грешки, туку дека повторно Струшките вечери на поезијата и Рациновите средби ќе ги врати на својот пиедестал, со поранешниот углед и сјај...“, напиша проф. д-р Христо Петрески.

Сведоци сме на уште едeн во типично балкански стил политички „реалити шоу“ со повлекувањето на целокупниот персонал (!) на амбасадата на Србија во Скопје, вклучувајки ја и нејзината екселенција амбасадор!?

повеќе

Собранието треба да се врати во претходната состојба.

повеќе

Нашата страна или многу наивно играла според некои свои знаења и без правила и принципи или ја свиткала кичмата.

повеќе