Јерговиќ, Томиќ, Ќорвезироска, Божовиќ… гости нa литературниот фестивал „Про-за Балкан“

Деветмина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на деветото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 22 септември во Скопје. На годинашниот лауреат Мирча Картареску, ќе му се придружат писателите: Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на 19 септември, во Даут-пашиниот амам.

Лауреатот Картареску е еден од најважните прозни автори, на самиот врв на европската литература. Најважните светски медиуми го сместуваат заедно со Исмаил Кадаре, Олга Токарчук..., а неговите книги може да се најдат на главните полици во книжарниците во САД, Франција, Шпанија, Италија...   

Јоана Николае е авторка на повеќе прозни и поетски книги, за кои освоила бројни награди во Романија, но и низ Европа. Таа е добитник на наградата за проза доделена од списанието Атенеу, „Книга на годината за 2018“ на натпреварот „Читателот знае најдобро“ и „Книгата на Регина“, победник на Романското радио за Културна награда за проза, Набљудувачка културна награда и други. 

 

Анте Томиќ  е познат хрватски писател, кој работи како новинар за „Јутарњи Лист“, а неговите саботни колумни се омилено четиво за сите оние што сакаат да се насмеат дури и кога ситуацијата во земјата е лоша. Како писател досега има напишано четири романи. Во 2005 година, Хрвоје Хрибар го сними филмот „Што е маж без мустаќи“ врз основа на неговиот прв роман, а една година подоцна Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“. Со Грлиќ соработуваа и на сценариото за наградуваниот филм „Устав на Република Хрватска“, со Небојша Глоговац во главната улога. Филмот ќе биде прикажан во Кинотека на 20 септември.

Миљенко Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди. Тој важи за најчитаниот автор во регионот.

Оливера Ќорвезироска е застапена во 20-ина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ и проза.

Калин Терзиски има издадено 23 книги – 6 новели, 12 збирки со куси раскази и 5 поетски збирки. Освоил: Награда за најпродавана книга во Бугарија – за новелата Алкохол – 2010, Награда за литература од Европската Унија - 2011 за кусите приказни „Дали има некој за да те сака“. Златно перо – Награда за придонес во бугарската култура – 2013.

Гојко Божовиќ е повеќекратно наградуван поет, есеист, литературен критичар, уредник и издавач. Три книги песни и една со есеи од Божовиќ се издадени на македонски јазик. Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012). Потпретседател е на српскиот ПЕН центар.

Божовиќ заедно со хрватската издавачка и литературен агент Диана Матулиќ и словенечкиот писател и уредник Андреј Хочевар, ќе бидат дел од Скопје фелоушип програмата. На вториот фестивалски ден, на 20 септември, тие ќе учествуваат на тркалезна маса на темата „Литературата во време на пост-вистината“ во Europe House Скопје. Ќе следува средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачи.   

На третата вечер ќе биде доделена наградата Прозарт на лауреатот Картареску, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела.

На 22 септември ќе се одржи дополнителна програма – „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во  книжарница „Буква“.

Поддржувачи на фестивалот се: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека.

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.

Фестивалот ќе се одржи во Даут-пашин амам, Кинотека, Europe House Skopje и во „Буква“.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе