Изгубениот роман на Павловски „Светиот Обиспо“ е пронајден, наскоро ќе биде објавен

Ракописот на романот „Светиот Обиспо" од Божин Павловски, кој се водеше за трајно загубен уште од 1979 година, е пронајден и ќе биде објавен во едицијата „Романи создадени отаде морињата" на „Матица македонска".

Еве што во краткиот разговор за МКД.мк вели за оваа невобичена ситуација авторот Павловски.

- Близок роднина, кај кого при селењето во 1988 година оставив приватни предмети, неочекувано за мене, ми го донесе второто копие на ракописот. Бледо но доволно читливо за да ми предизвика немерлива возбуда, изјави Павловски за МКД. мк.

Може ли наскоро тој да се најде во рацете на читателите?

- На ракописот му треба осовременување со новите трендови во областа наречена филантропија. Таа денес е уште пофантастична, вистински фолклор, да речеме од потезите на еден Боки Тредичи до тајкуните во градежната индустрија. Толкумина посакуваат да бидат фалени како дарежливци. Колку што се зголемува бројот на сиромасите, толку и фантазијата да се биде филантроп. Оваа тема навистина си бара свои романсиери.

Што конкретно ве инспирираше за овој роман?

- Еден убав маж од полумакедонско, полуроманско потекло, роден некаде на фармите во Орегон, Америка, правник по образование, во седумдесеттите години на минатиот век стана редовен гостин во меаната на Јоле и Почу, и меѓу другото, се дружеше со писателите.  Учествуваше и на конкурси за Мистер Универзум, но Гане Тодоровски брзо откри дека тој е алфа и омега во дрвната индустрија. Од него зависеше дали некои вагони со мебел ќе заминат за Америките, Блискиот Исток и Австралија, или ќе си останат  дома непродадени. Поради неговите претерано големи вжарени очи другите мажи велеа: “Со него насамо не смееш да оставиш ни коза ни овца, а не пак жена”. Особено Гане Тодоровски тераше шеги со неговото презиме. “Да ти дојде на гости Вењамин Слатки” ќе речеше правејќи игра со зборовите. Тој се викаше Вењамин Слетки, а не Слатки. Одеднаш го снема во Југославија но се појави на Средниот Запад во Америка. Речиси во исто време кога избувна аферата со исчезнувањето на големо количество злато од рудникот во Бор, овој Вењамин Слетки “растураше” како филантроп по црквите на македонската дијаспора. Не само што им го нудеше својот талентиран “живописец” Радуле, доведен од Романија, туку на црквите им ги подаруваше и фреските. За жал,  брзо се откри дека повеќето фрески всушност го одразуваат неговиот лик со големите светнати очи. А пак младиот фрескосликар Радуле, чија совест се побунила затоа што морал да го репродуцира ликот на својот “добротвор” по ѕидовите на црквите, западнал во неволји. Му претстоел затвор и протерување од Америка назад во комунистичката татковина Романија. Но со помош на адвокати и влијателни луѓе од македонските црковни општини тој остана да живописува, додека пак на филантропот и нарцис Вењамин Слетки му се изгуби трагата. Лично се распрашував меѓу нашите активисти во црквите низ Америка, од Колумбос, Синсинати, Индијанаполис до Сан Педро на Пацификот, меѓутоа веќе не открив никаква трага од него или за него.  Како в земја да пропаднал. Кога пак му раскажував на Гане Тодоровски додека ручавме кај Јоле и Почу, сомневајќи се дека можеби го искасапиле некои љубоморни мажи, тој, во својот познат стил на шегобиец, рече: “Или тоа го сторил самиот фрескосликар Радуле па ја измешал неговата крв со боите за фреските”.

Ќе си помислиш, од фантастично до невозможно? Но, за разлика од некогашната филантропија која привлекуваше главно ексцентрици или во краен случај нарцисоидни луѓе, оваа модернава е целосно скарана со етиката. Човекољубието и човекомрзието станаа здружени алатки за постигнување на некоја скриена цел. Замислете ја монструозноста на модерниве градежници - филантропи. Ќе намерачат некое зелено паркче меѓу сивилото од згради, а тоа се белите дробови на градот, и додека не го добијат за нова зграда не бираат средства. Дури подоцна ќе откриеш дека сакаат да си ја смират совеста - подариле некој стан во таа зграда - масовен убиец и си бараат статус на филантропи. Ете тој сегмент, растегливоста на моралот во изминатиот половина век треба да си најде место во романот.

Затоа ли мислите дека ракописот треба да се доработува?

- Не само затоа, туку сакам да му го вградам своето долгогодишно искуство како романсиер. Во естетска, етичка и композициска смисла. Извесен дел од ракописот го работев во Салинас, градот на Стајнбек, кој советуваше: „Раскажувај убаво, но и кажувај нешто од значење”. Загубената верзија имаше само еден читател, критичарот Георги Старделов. Ова ќе биде најеротскиот македонски роман, ми рече. Јас тоа си го доживеав како неуспех затоа што тогаш го работев „Црвениот хипокрит”, една од најтешките и најопасни теми во комунизмот. Му реков дека „Светиот Обиспо” ќе морам уште да го работам, дека не сакам да објавам роман што ќе биде третиран како забавно четиво. Набрзо потоа го изгубив ракописот.

Зошто го крстивте „Светиот Обиспо”?

- Мојот прототип Вењамин Слетки кога слегувал од Орегон низ Калифорнија, на пат за Холивуд, каде што им се нудел на филмските студија, задолжително преспивал во градот Сан Луј Обиспо. Тука ја открил црквата посветена на една светица која во младоста била проститутка. Во духот на библиската Марија Магдалена. И тој самиот посакал да биде запомнат како светец што се прославил низ филантропија. Градот веќе имал светица, меѓутоа немал светец. А полумакедонецот не само што беше убав млад човек туку и со бујна фантазија. За жал, црвите го изеле во анонимност- изјави академик Божин Павловски специјално за МКД. мк.

                              А. Д. 

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе