Издавачите незадоволни од резултатите на конкурсот на Министерството за култура за литература и издавачка дејност

Македонска асоцијација на издавачи (МАИ) сака јавно да го изрази своето општо незадоволство од резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.

„Нашиот општ впечаток е дека и покрај тоа што Министерството за култура настојува потранспарентно да ги избира насловите и авторите, распределбата на финансиските средства ни приближно не го покрива издавачкиот процес.

Работите во врска со кои сакаме да го истакнеме нашето најголемо незадоволство се следните:

1. Постои разлика во одобрените средства кај различни проекти и очигледно е фаворизирањето на проектите на албански јазик кои, во просек, имаат добиено по 25.000 денари плус во однос на проектите на македонски јазик;

2. Повеќе од 20% од проектите се проекти на физички лица. Ова е особено загрижувачки, затоа што станува збор за навистина голем број вакви изданија. Сепак, издавачите се тие кои располагаат со капацитети за издавачка дејност и доделувањето проекти на физички лица треба да биде исклучок, а не правило, имајќи предвид дека поради немањето капацитети за реализација на овие изданија и за нивна дистрибуција, потоа никој не знае ниту како изгледаат, ниту каде завршуваат. Едноставно, ги нема во книжарската продажна мрежа и сомнежите за злоупотреба и манипулации со средствата се навистина основани;

3. Особено е често појавувањето на печатници и на други правни лица чија основна дејност не е издавање книги, а кои добиле средства за реализација на проекти од Годишниот конкурс. На тој начин, тие се изедначуваат со издавачите, иако немаат ниту редакција, ниту дистрибуција, ниту книжарници.

За доделените средства недостасуваат критериуми за оценување на важноста и големината на проектите. Така, одобрени се исти средства за проекти кои се целосно различни според техничките параметри.

Исто така, пречи и дискрециското право на министерот и на неговиот кабинет во завршната одлука за доделување на средствата, со што улогата на комисиите се маргинализира, а се зголемува можноста за манипулации и, секако, за сомнежи дека тие се случуваат.

Изразуваме жалење за состојбата во која се втурнува македонското издаваштво и надеж дека Министерството за култура ќе ги послуша реакциите на културната јавност и на нашето здружение и ќе направи ревизија на одобрените проекти и, особено, на одобрените средства за проектите“, се вели во реакцијата на Македонска асоцијација на издавачи.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе