Избрани четирите најдобри современи бајки од Македонија на конкурсот на Движењето за креативност – Иво Лауренчиќ и „Арс Ламина“

Од 442 пристигнати дела на 316 автори од земјава, стручното жири на конкурсот „Современи бајки од Македонија“, што го реализираа Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, ги избра најдобрите четири. Тоа се бајките „Перуника“ од авторот Дејан Сибиновски, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова. Секој од нив ќе биде награден со парична награда од по 25.000 денари.

Сите пристигнати авторски дела на конкурсот беа нумерирани и анонимно оценувани од независна комисија, а финалниот избор го направи стручното жири составено од писателката Оливера Николова и професорката Нина Атанасова-Шкрињариќ.

„Кога ни беше дадена довербата да читаме и да оценуваме бајки од конкурсот, не ни претпоставувавме дека, всушност, ни се дава ретка шанса одново да обновиме некои подзаборавени чувства од сопственото детство. А ниту малку не беше лесна задачата да се изберат најдобрите“, истакна писателката Оливера Николова.

За својот впечаток во овој проект проф. д-р Нина Атанасова-Шкрињариќ вели: „Чест беше да се биде дел од најбајковитиот конкурс. Бајките се раѓаат на различни начини и остануваат долго во човековата меморија, а ние се уверуваме дека бајки се раѓаат и на вакви конкурси“.

Новото издание „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои исто така беа заеднички проект на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Почнавме со идејата македонското национално творештво да го доближиме до новите генерации, во модерна форма и израз, да направиме наш бренд, наши јунаци, да се читаат наши бајки. Издадовме 54 ’Бајки од Македонија‘, дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома, но најважно е дека се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Ја исполнивме првичната цел – македонското национално творештво да добие свое место кај новите генерации, преку креативен пристап. Сега е време да создадеме нова историја, бајки на оваа генерација, современи бајки од Македонија“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“

Наградените бајки ќе бидат издадени како илустрирани сликовници, а илустраторите ќе бидат избрани на посебен конкурс што ќе биде распишан во јануари 2021 година. Преостанатите пристигнати авторски дела што имаат литературна вредност и квалитет ќе поминат уште едно ниво на селекција и ќе им биде понудено објавување во рамките на посебни изданија и едиции.

„Големиот интерес на авторите за овој жанр позитивно нè изненади. Воопшто не беше едноставно да се селектираат и да се проценат толкав голем број пристигнати дела, а голем дел од нив се со висок квалитет и потенцијал. Затоа размислуваме, покрај четирите избрани дела што ќе бидат издадени, во следниот период дополнително да издадеме и дел од другите материјали што беа дел од конкурсот. Се разгледуваат можностите и наскоро ќе ја информираме и јавноста и авторите кои учествуваа на конкурсот“, истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чијашто цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање на силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе