ИНТЕРВЈУ

Изабел Вери: Европска книжевна награда ми даде самодоверба и волја да одам подлабоко во својата авторска работа

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави одржувањето на првиот Фестивал на европската литература „Букстар“, односно „Книжевни ѕвезди“, во Македонија. Прва од европските книжевни ѕвезди што ќе гостува во Македонија е белгиската писателка Изабел Вери, добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година, а нејзиниот роман „Обескостена“ ќе биде промовиран на 10 октомври, во фоајето на киното „Фросина“ при МКЦ.

Во фокусот на фестивалот „Букстар“, односно „Книжевни ѕвезди“, ќе бидат гостувањата на авторите, а во истите рамки до крајот на октомври ќе се одржат и Саем на европската литература, како и неколку промоции на дела од домашни и странски автори поместени во пет програмски целини.

Гостувањето на белгиската писателка Изабел Вери и промоцијата на преводот на македонски јазик на нејзиниот роман „Обескостена“, ќе се случи на 10 октомври во фоајето на киното „Фросина“ при МКЦ, со почеток во 20 часот. Преводот на книгата е на Маргарита Терзијан-Маленкова. Белгиската писателка и добитничка на Европската награда за литература во 2013 година првпат доаѓа во Македонија.

Вашата книга „Обескостена“ (Marilyn Deboned) добива превод на македонски јазик. Што воопшто преводот на вашите дела ви значи? На кој начин го доживувате фактот што мислите изразени во вашите дела ќе допрат до јазични и културни средини кои, претпоставувам, лично не ги познавате?

Длабоко сум допрена од фактот дека овој роман е преведен на македонски и на други јазици. Еден од најубавите чекори во животот на еден автор е кога ќе биде преведен, затоа што тоа покажува дека приказната што си ја напишал има квалитет на универзалност. Го прифаќам фактот дека книгата ќе има различно влијание во секоја држава.

За книгата „Обескостена“ ја добивте Европската награда за литература во 2013 година. Дали наградата го промени вашиот писателски живот и колку придонесе вашата книга да биде преведена на други јазици, а со тоа и подостапна до читателите од Европа и од светот?

Всушност, кога завршив со пишување, бев свесна дека оваа книга е „многу, многу посебна“, дека нејзиното пишување има експериментален аспект, нешто ново на планот на пишувањето во Белгија. Дури не ни бев сигурна како да најдам издавач! Така, кога пристигна оваа Европска книжевна награда, ме изненади, ми даде самодоверба и волја да одам подлабоко во својата авторска работа. А истата година, оваа книга беше финалист и за најпознатата белгиска книжевна награда, „Виктор Росел“... Тоа беше навистина успешна година!

Една од целите на програмата на Европската книжевна награда е да ги поддржи преводите на книгите-добитнички на наградата. Денес, „Обескостена“ веќе ја има или ќе ја има во Албанија, Бугарија, Германија, Србија, Македонија, Словенија...  Да, оваа награда го промени мојот писателски живот. Навистина.

Напишана во форма на интимна исповед, за која самата велите дека е „роуд-муви во три чина“ (road-movie in three acts), книгата е еден вид иницијација. Колку пишувањето за вас е иницијација која би можела да трае цел живот?

Во пишувањето, големо е задоволството да го искористиш своето животно искуство како материјал и да го трансформираш, да си играш со него и да откриеш што е универзално во него. Моето пишување расте со моето животно искуство. Всушност, станува страсно. Уште повеќе, станува уметност што можам да ја изведувам секаде.

Навистина пишувам со задоволство, тоа воопшто не е некоја тешка работа за мене. И секоја книга има своја методологија. За мојата следна книга е потребна поголема документација; на пример, поминав еден ден на детската клиника за онкологија во близина на Брисел, во бел костим, како вистинска докторка. Учам многу со пишувањето.

Тешко е жанровски строго да се дефинира вашиот книжевен израз. Во делото има и нарација и поезија и многу дијалошки моменти. Што го одредува вашиот стил на пишување, чувствата или приказната?

Слободно го користам францускиот јазик како материјал, исто како што грнчарот ја користи глината. И создавам свое писмо. Сè со цел да ја опишам флуктуацијата на чувствата на ликот. Се обидувам да не бидам импресионирана од тежината и од аурата на „француската книжевност“; си играм со зборовите, измислувам зборови, користам графичко спелување, користам сликовен јазик, користам фонетски зборови... какви што би користел ликот во реалниот живот. Под влијание сум на структурите од драмите на Шекспир и на Брехт... каде што тие мешаат раскажување, песни, поезија... со цел да ја нахранат драматургијата.

Колку пишувањето ви помага да допрете подлабоко во себе, да ја откриете љубовта, а со таквото искуство да бидете во можност да ги откриете чувствата и на другите луѓе?

Да, ми помага да допрам длабоко во себе, иако, искрено, тоа не ми е главната цел кога пишувам. За мене, пред сè, пишувањето е раскажување приказни за читателот. Во „Обескостена“ создавам лик што верува дека љубовта ќе му биде важно нешто во животот. Тоа е приказна за детално истражување, за иницијација, потрага по идентитет во современиот свет, во кој сè се движи многу брзо. Дури и прашањето за половите, за еднаквоста помеѓу мажите и жените насекаде, прашањата за сексуалноста, за правото да го „избереш“ животот што навистина го сакаш, за правото да имаш интимен простор.

Обично пишувам за ликови што се атеисти; следам како тие се снаоѓаат во животот без помошта на религијата. Поднасловот на овој роман е „Иницијациска сказна“. Се обидувам да создадам посебен универзум за читателите, свет помеѓу сонот и реалноста. Атмосфера на слобода.

Во вашата биографија се наведени повеќе уметности, како танцот и пеењето. Во театар сте играле карактери од делата на Шекспир, Брехт, а сте настапувале и во претставата „Вагинални монолози“. Би можеле ли да ја одредите почетната точка? Што прво се појави како интерес кон уметноста, театарот, пеењето и танцувањето или пишувањето?

Како дете, навлегов во театарот и во поезијата во исто време. Моите родители глумеа во театар од хоби. Јас бев фасцинирана од атмосферата за време на пробите, фасцинирана од мојата мајка преоблечена во принцеза! Посакав и самата да глумам во некоја претстава. Во истиот период, ја открив моќта на поезијата читајќи го Рембо.

Подоцна, студирав актерство во Брисел и во странство. Потоа, почнав да режирам претстави со моите драмски текстови... Потоа почнав да пишувам романи. На крајот, отсекогаш сум била во театарот и во пишувањето во исто време.

Која е точката што ги обединува? Колку сите тие уметности се надградуваат во градењето на вашата личност, но и на карактерите на ликовите во вашите книги?

Точката што ги обединува сите овие уметности се јавните настапи што ги изведувам со моите текстови и музичари, на пример, во книжарниците. Музиката е неопходна во мојата уметничка работа. Таа е заедничката почва на сите овие уметности. При пишувањето, обрнувам големо внимание на варијациите во ритамот. Ритам = сè што ми помага да создадам виталност...

Моето театарско искуство многу ми помага при пишувањето. Глумењето и отелотворувањето на големите текстови ми даваат една заднина што е корисна при пишувањето, чувство за драматургија и поврзаност со говорот. И вистина е, за уметникот, „да се работи на својата уметност значи да се работи на својот живот“ (како што рекол Антон Чехов!).

Ја напишав „Обескостена“ во период од дванаесет години!!! На оваа книга ѝ беше потребно тоа време, морав да пораснам за да го пронајдам и да го достигнам крајот на приказната! Следната книга ќе ја напишам побрзо, ветувам!

Како го доживувате фактот што ќе имате можност за средба со македонските читатели? Колку средбата со други културни средини го исполнува вашиот бележник со идеи за нови книжевни дела?

Едвај чекам! Ова е моја прва посета на Македонија, па ја скокотка мојата љубопитност. Ме интересира како македонските читатели ќе реагираат на ваков тип книга. Љубопитна сум за пазарот на книги во Македонија, за тоа што читаат луѓето, какви се книжарниците... Едвај чекам да ги запознаам луѓето од тимот на „Антолог“ и да учествувам на нивниот прв Фестивал на европската литература. Тоа е прв фестивал – тоа е раѓање, затоа е возбудливо!

И, секако, многу би сакала да поразговарам со македонската преведувачка на „Обескостена“. Многу ја почитувам работата на преведувачите; знам колку тешка може да биде... Да се преведе „Обескостена“ е предизвик, на некој начин. Бугарскиот преведувач работел на преводот цели седум месеци!

Патувањето е едно од омилените нешта во мојот живот, особено ако станува збор за патување поврзано со некоја моја претстава или книга. Јас и моето театарско друштво имаме тури насекаде низ светот... И, да, тоа ги храни мојата фантазија и мојата креативност. Ќе видиме!!!

Тони Димков

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе