НОВА КНИГА

„Или-или“ ја објави книгата „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска

Издавачката куќа „Или-или“ извести дека „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска се 143-та книга во популарната едиција „ПРОаЗА“. Корицата на книгата ја изработи Марија Смилевска, а идејата и илустрацијата на корицата е на Светлана Јакимовска-Родиќ.

За збирката раскази „(Со)шиени раскази“, која е четврта во богатата библиографија на Ќорвезироска, Гоце Смилевски нагласува: „И во ’(Со)шиени раскази‘, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите ’Оверлок‘ и ’Цик-цак бод‘, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“

Книгата „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска својата примарна средба со читателите ќе ја има на претстојниот Саем на книгата во Скопје.

Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.

Авторка е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница заедно со Глигор Костовски-Гишо), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден Текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ (роман за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“ и „(Со)шиени раскази“ (раскази за возрасни), известија од издавачката куќа „Или-или“.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе