Димитар Башевски: Писма од карантин (5)

Филизо моме, Филизо

И во медицината, како и во литературата и во уметноста, на лицето, тој толку експресивен дел од нас, секогаш му се пристапува со деликатност.

Славе Наумовски

Скопје

26 април 2020

Драг Славе,

Вечер е, седам зад прозорецот во мојот стан и ја гледам празната осветлена улица по која, за време на полицискиот час, поминува само по некој полициски автомобил или пак по некое возило на здравствените служби. Мислам на тебе, на она „задолжение“ што ти ги дадов да ги прочиташ моите први „Писма од карантин“, објавени на порталите, писма кои требаше да бидат поразлични четива од секојдневните дневни вести и кои, по таков начин, можеби за миг би го одвлекле нашето внимание кон други, поразлични теми и простори. Оттогаш не те имам слушнато, па еве на овој начин, со писмово, сакам да проговорам со тебе.

Сега сите сме во изолација, според оној повик:

Останете дома!

Се чини дека за никого не е потешко во овие денови на пандемијата од Ковид-19, колку што е тешко за вас, луѓето што работите во здравството, за твоите колеги доктори и сестри, во амбулантите и болниците, посебно во специјализираните, специјално уредени простори за справување со опасниот вирус. Тие, во таквите простори, ден и ноќ се будни, со маски и скафандери.

Твоите колеги се хероите на нашево време.

Ноќва, тивко, како оддалеку ги слушам стиховите од песната „Memory“ што ја пее Барбара Стрејсенд од ЦД-то: Every street lamp seems to beat/ A fatalistic warning/ Someone mutters and the street lamp gutters/ And soon it will be morning/Daylight… Да, утре ден, светлина!

Јас, драг Славе, многупати сум помислил на твојата деликатна специјалност – фацијална хирургија, хирургија на лицето. Не сум седнал па да поразговарам со тебе за деликатноста што ја подразбира таквата хирургија, затоа што и не би можел ништо да кажам, освен да покажам љубопитство и да се восхитувам на таа уметност која бара и знаење, и вештина, но го бара и она чувство, онаа емоција која неминовно се раѓа кога ќе му се пријде на тој толку особен дел од нас – лицето на кое е испишана целата геологија и географија на секого од нас, идентитетот, перцепцијата, креативноста, сексуалноста, а и целата еволуција на човековиот вид. Идентитет. Кога вадиме лична карта, ни го сликаат лицето; кога бараме пасош, ни го сликаат лицето, доколку нè водат во затвор, исто така ни го сликаат лицето. Учените потврдиле дека биле потребни околу шест милиони години, за нашиот изглед, нашето лице, полека да ја добие формата каква што ја гледаме денеска на огледалото – комбинација на биомеханички, физиолошки и социјални услови. Тоа е долга и не секогаш праволинејна еволуциска историја. Научниците од германскиот Институт за еволутивна антропологија „Макс Планк“ откриле дека првите сексуални односи меѓу неандерталецот и хомосапиенсот се случиле пред сто илјади години, шеесет илјади години порано отколку што се мислело досега.

Кога се зборува општо што е тоа фацијална хирургија, како една најопшта информација и понуда од практични потреби, се вели дека токму затоа што лицето е најистакнатата карактеристика на физичкиот идентитет на секоја личност, од суштинска важност е квалификуван медицински персонал да се погрижи за повредите на него. Максилофацијалните хирурзи, се вели во таквите информации, се обучени и оспособени за третман за сите аспекти на овие повреди бидејќи зад себе имаат широко искуство и со денталните и медицинските аспекти на траумата на меките и тврдите ткива на лицето. Често повредите на меките ткива можат да бидат разорни за која било структура (коскена и мекоткивна) и се исклучително комплексни за третман од естетски и функционален аспект. Третманот на повредите на меките ткива и фрактурата на коските на лицето и вилиците се лекуваат со минимално инвазивни и естетски постапки што подразбира најсовремени материјали и брзо враќање на пациентите во нормална функција.

Читам дека со кожата на лицето, со мускулите и коските, луѓето меѓусебно изразуваат повеќе од дваесет различни емоции. Тоа лице комуницира без зборови со своето богатство на изрази и зборува за тоа кои сме ние секој посебно, каков е нашиот внатрешен свет, на што се радуваме и од што се плашиме. Јас сега овде не можам веднаш да се сетам на дваесет експресии, но можам да набројам неколку – страв, исчекување, восхит, тага, радост, одбивање, согласност, чудење, потсмев, симпатија, неверување, наслушнување, затскривање итн. Фацијалните експресии го регулираат и однесувањето на децата – децата гледаат во лицето на оние што ги чуваат, посебно во лицето на мајката, за да добијат информација за тоа каква е ситуацијата, можат ли да чувствуваат сигурност или не. Тие изрази на лицето можат да се разликуваат во еден степен со оглед на културните разлики. Има еден расказ од јапонскиот писател Акутагава под наслов „Шамивче“ во кој тој зборува за средбата на еден професор со мајката на син кој починал. Додека разговараат, мајката прави голем напор да го контролира лицето така што да не покаже емоции што би биле несоодветни за една традиционална јапонска култура, а за тоа време својот грч го пренесува на шамивчето кое го стиска, го гмечи во своите раце.

Понатака, лицето зборува и за стандардите на убавината кои се присутни насекаде, со можни варијации во одделни култури. Големите очи се вели обично, мазната кожа и симетричноста, многу се ценат и дека тие нешта можат да придонесат да добиеме подобра работа, повеќе пари и повеќе секс.

Лицето, тој толку деликатен дел од нас на кој си ти, Славе, упатен како хирург, е најприсутниот момент во литературата и уметноста. Во сликарството најмногу со портретот, а пак особено во уметничката литература која, впрочем, е упатена на човекот и на неговиот свет. За што и да зборуваат песните, приказните, расказите и романите, тие зборуваат за човекот, за неговиот емоционален и мисловен свет, и особено за лицето. Посебно се суптилни песните, и особено народните, кои зборуваат за љубовта и убавината. И особено суптилни притоа се македонските народни песни, кои она што најмногу ги разликува е лирското, како и оваа песна за Филиза:

 

Филизој моме, Филизо

малој моме,

излези на пенџерето, ај

да ти го видам лицето.

Да ти го видам лицето,

малој моме,

шо лице носиш на тебе, ај

дали прилегат за мене.

На слика да го сликувам,

малој моме,

в' тефтерот да го наредам, ај

в' тефтерот да го наредам.

В' тефтерот да го наредам,

малој моме,

за кога да ода на војска, ај

за когата одам на војска.

 

Или она:

За кого ти цути Дано лицето...

 

Или:

Ај кога те тебе целував Милице

лице ти беше спотнато, де

лице ти беше спотнато Милице

ај од очи оган ти фрлаше.

 

Велам, нема роман, песна, расказ, во кој не е опишано лицето човеково како карактеризација на ликот општо, да може според тој опис којшто дава соодветна експресија, да се долови и физичката, но уште повеќе душевната конституција и состојба. Ќе ти наведам, другар, овде, само неколку примери, со по неколку реда од некои автори. Херман Мелвил, во неговиот роман „Били Бад“, за Клегерт и за Били, ликови во романот, вели: „Веќе беше кажано дека Клегерт беше добро граден и дека лицето, со исклучок на брадата, му беше убаво извајано. Изгледа дека беше свесен за ова, па не само што беше уреден, туку и внимаваше како се облекува. Но, Били Бад беше божествено граден и иако на неговото лице му недостасуваше оној мудар израз како оној на Клегертовото бледо лице, тоа беше исто онолку продуховено однатре, иако потекнуваше од различен извор. Огнот во неговото срце сјаеше на неговите румени образи.“

Понатаму, Тони Морисон во романот „Љубена“ за еден од ликовите: „Освен нараснатата, неуредна коса и исчекувањето во очите, беше ист како што го знаеше од Кентаки. Убава кожа, исправен, За човек со неподвижно лице беше чудно колку брзо може да се насмевне, да светне, да сочувствува… Дури да трепнеш, лицето му се менуваше – а под него бликаше живот.“ И уште еве Иво Андриќ: „Таков е овој Аљо, само што е по малку чуден и човек на своја рака. Висок и крупен. Румено лице со црни очи, секогаш сјајно од некоја насмевка, обраснато со црна ретка и нееднаква брада... Најпосле стигна Дефосе. Младичот беше висок, атлетски граден, румен во лицето, со големи костенливи очи, сјајни од љубопитство и немир...“

Шекспир пак, во своите сонети, сите љубовни, има многу места за жената и за нејзиното лице што природата го насликала со своја рака: Лицата што ги сакав во зениците ги гледав твои/ти си сите нив, но и сите надежи мои (сонет број 31) или „Едно утро и моето сонце, великанот строен,/ на челото ми болсна со светлина дива,/ но господе боже само еден час беше мое,/ а сега облачест вомјаз во мене се скрива. (сонет број 33). А оној роман на Оскар Вајлд „Сликата на Доријан Греј“? Романот зборува за Доријан, богат, млад, преубав, развратен човек. Маѓосан од својата убавина, Доријан посакува никогаш да не остари. Свесен дека еден ден неговата убавина ќе избледне, тој изјавува желба да си ја продаде душата, во замена за тоа портретот насликан од Базил, да старее наместо него. Желбата му се исполнува, и го фрла во развратен живот. Портретот служи како потсетник за тоа каков ефект има секое негово дело, секоја негова постапка, врз неговата душа. Секој грев е претставен или како изобличување на неговата форма, или како знак на стареење општо и, се разбира, како збрчкување на неговото лице. Сликата е неговата вистинска душа, секоја лузна, рана или болка на неа, на неговото лице, претставуваат по еден направен грев. Сликата старее, додека лицето на младичот кој шета по улиците на Лондон, не се менува. Тој расчекор, најпосле го излудува и го тера во злостор.

Се разбира, драг Славе, и во моите книги, како што знаеш, има луѓе, ликови, за чии лица се зборува. Описите на тие лица требало да придонесе за карактеризацијата на тие ликови, за одгатнувањето на нивните мисли и на нивниот внатрешен свет, како што е ова во романот „Братот“, овие неколку реда: „Онака висок и малку подвиен, рус, со високо потстрижена коса и со сини очи, ми ја заклонуваше глетката кон езерската шир. Кога се свртив добро да го видам, лицето му беше стиснато и бледникавоста од неговата душевна напнатост избиваше од под подгорената кожа од сонцето. Тогаш полека почнував да сфаќам, иако не сосема, во кој правец одат неговите мисли, какви се претпоставки исцртува неговиот ум и какви заштитни планови обликува...“

Драг Славе, си мислам, дали човек случајно се зафатил да работи, да го прави ова или она во животот? Познавајќи те, јас се охрабрувам да мислам, дека во твојата природа има нешто суптилно, отворено, хумано, нежно, кое може да се доведе во релација со лицето, на кое треба да му пријдеш како хирург со онаа неопходна деликатност што тоа, всушност, и го бара, бидејќи е лице, тој толку експресивен дел од нас. Значи, станува збор за хирург, но зад тоа и во најголема мера за човек со осетлива мисловна и емоционална надареност.

Се ближи полноќ и јас го завршувам ова писмо до тебе, очекувајќи го утрешниот, светол ден, 05 часот кога започнуваат неколкуте слободни часови надвор од корона-вирусниот карантин, светол ден, како што се вели во оние стихови од песната што веќе ги цитирав: „... And soon it will be morning/Daylight...“

До скоро видување.

Димитар Башевски

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе