Книжевен фестивал

Фестивалот „Книжевни ѕвезди“ сака да ја оттргне книжевноста од маргините на културната сцена

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави третото издание на Фестивалот на европската литература „Book Star“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 25 октомври до 05 ноември 2017 година под слоганот „Читај бе, братучед, читај!“.

Фестивалот на европската литература оваа година има цел да ја одврати книжевноста од маргините на македонската културна сцена, да ги претстави квалитетните домашни и странски современи писатели што пишуваат за културолошките феномени на нашето време, како и да ја поврзе книжевноста со другите уметности.

Пред домашната публика ќе бидат претставени четворица писатели од самиот книжевен врв на Европа: Илја Леонард Фајфер, автор на романот „Ла Суперба“; Јела Кречич Жижек, авторка на романот „Нема друга“; Хокан Несер, автор на романот „Во окото на свеста“; и Јуси Адлер-Олсен, автор на романот „Жената во кафезот“.

На фестивалот ќе има промоции на двајца докажани македонски писатели од помладата генерација: Снежана Стојчевска, авторка на поетската збирка „Треба да е лесно“, и Игор Станојоски, автор на романот „Диссомнии“, а ќе биде промовирана и Антологија на бунтовната поезија од европски автори.

Во активностите на фестивалот се вклучени и книжевна трибина „Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me“ на тема „Ограничувањата и предностите на жанровската литература“, на која ќе учествуваат гостинот од Шведска Хокан Несер и македонските писатели и научни проследувачи на литературата Влада Урошевиќ, Калина Малеска и Елизабета Шелева. Модератор на трибината ќе биде Владимир Јанковски. На 30 октомври, со почеток во 21 часот, во „Кино Култура“ ќе се одржат проекции на филмови од Милчо Манчевски.

Фестивалскиот слоган е инспириран од култниот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, чии филмови ќе бидат проектирани како дел од програмата на фестивалот.

„Адаптацијата на филмската реплика ’Пукај бе, братучед, пукај!‘ од легендарниот филм ’Пред дождот‘ во ’Читај бе, братучед, читај!‘ е со цел повторно да се реактуелизираат пишаниот збор (испукан како од пушка) и неговата моќ, која во денешен контекст, за жал, стана забајатена, избледена и испатетизирана. Идејата на фестивалот ’Букстар 2017‘ е да ја вметне книжевноста во културниот џагор во нашата земја и да ја оттргне од уметничките маргини во кои таа се наоѓа.

Оттаму, книжевноста решивме да ја претставиме преку сугестивни и асоцијативни мисли од македонската уметност, а читањето да го промовираме и преку герила-акции, кои беа на програмата уште на минатогодишното издание на Фестивалот. Оваа година ударни книжевни жанрови одлучивме да бидат постмодерната фикција и трилерот, бидејќи за разигрување на нашето мрачно секојдневје е потребна мала, но прецизно избрана доза возбуда и поинаква реалност. ’Пукај бе, братучед, пукај!‘ е реченица што стана дел од јавниот дискурс, па поради тоа со оваа адаптација сметаме дека нашата порака ќе допре до народот“, велат организаторите на „Букстар“.

И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа на најубавиот начин – преку уметноста на зборот. Дизајнот на официјалниот фестивалски постер е на Игор Делов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ, Амбасадата на Кралството Холандија и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе