ИНТЕРВЈУ

Елизабета Линднер Костадиновска својата експериментална поезија ја слика со хартија

Како награда која „Концепт 37“ ѝ ја додели на третото издание на саемот за современа уметност „Паратисима Скопје 2016“, на 17 мај 2017 година, во 20 часот, во галерискиот простор на „Концепт 37“ ќе биде отворена самостојна изложба на Елизабета Линднер Костадиновска, литературен преведувач, поетеса, основач и уредник на порталот за литература на македонски и германски јазик „СловоКулт“, а сега првпат ќе се претстави и како ликовен автор.

Елизабета Линднер Костадиновска е родена 1971 во Скопје. Дипломирала германистика на УКИМ во Скопје (2001), студирала Современа германска литература и Славистика на факултетите во Дрезден (1999-2000) и Регенсбург, каде во 2005 и магистрирала. По специјалниот курс за културен менаџмент, од 2006 година се преселува во Берлин, каде оттогаш живее и работи.

Од 2008 интензивно соработуваше со Игор Исаковски и заедно со него уреди и објави повеќе преводи од германски јазик за „Блесок“, како романите од Томас Бернхард, Бенјамин Штајн, Инго Шулце, Вилхелм Генацино и Јудит Шалански, расказите од Клеменс Ј. Зец и Адолф Мушг, поезија од Михаел Кругер и Јурген Ненѕа. Има објавено и преводи на поезија од Рајнер Марија Рилке и од Паул Целан, за кои во 2014 ја доби и престижната награда „Григор Прличев“. Добитник е уште на две награди за превод на австриски автори, 2011 за „Сечење шума“ од Томас Бернхард и 2016 за „Љубовта за време на детето од Малштет“ од Клеменс Ј. Зец.

Елизабета Линднер пишува поезија претежно на германски јазик и ја објавува под своето родено име Елизабета Костадиновска. Нејзини песни досега се објавени во неколку списанија, а е дел од авторите на поетскиот портал „Fixpoetry“. Изработува и колажи кои содржат стихотворба од текст-монтажи (кои потоа ги преведува) и се занимава со експериментална поезија.

Со делото „State of Art“ освоивте награда на третиот Саем на уметноста „Паратисима Скопје 2016“. Станува збор за специфичен колаж, но која е пораката што ја носи ова дело направено во 2015 година?

Делото почнува со цитат од 1937 година, од Густав Клуцис, латвиско-советски уметник, чии дела се сликовно цитирани низ колажот (заедно со други) и се повторуваат низ триптихот. Клуцис најпрвин бил дел од руската авангарда, а потоа се одушевувал од идеалите на Ленин и Сталин, затоа им се приклучил и почнал да изработува специфични плакати за партијата. Тој и неговата партнерка биле првите уметници што се занимавале со експериментална фотографија во тој дел од светот. На крајот завршил убиен, без да се дознае поконкретно што се случило.

Дело „State of Art“

Стравотен е фактот дека современата прогресивна уметност и култура (со векови па сè до ден денес) се потиснуваат на работ од општеството како непотребни и недостојни да им се придаде поголемо значење, а се слават 20, 50 или 100 години по смртта на квалитетните уметници и писатели, па и научници. Денеска насекаде доминира квантитетот со својата здодевна просечност, и за жал, после толку векови угнетување на вистинските вредности веќе е изгубено чувството за нив, не постои почитување и распространување на квалитет, а тоа е вистинска трагедија за човештвото.

Фактот дека не учиме од историјата, дека војната е поважна од еволуцијата на духот и дека политиката едноставно си поигрува со сево ова ми е ужасен – а од него се створи и ова дело, кое е комплексно, но сепак некако јасно во својот исказ. Државата преку своите бирократски и непријателски настроени структури и водачи систематски ја уништува квалитетната уметност, култура и наука.

Фрагмент од „Деконструираниот роман – Платно од Бенјамин Штајн“

Наградата се состои од поставување самостојна изложба во „Концепт 37“. Што подготвувате за изложбата?

Изложбата е составена од моите понови дела, кои ги изработував во Берлин во последниве години, од 2012/13 до сега. Во тој период му се навратив на запоставениот цртачки талент, бидејќи имав потреба за визуелна уметност како ’одмарање‘ од текстот, кој после студиите ми стана и вистинска професија. Никогаш не најдов време и прилика да се посветам на изучување некои техники од ликовната уметност, затоа сум пресреќна што покрај цртањето што го владеев од мала, по некоја ’случајност‘ дојдов до овој својствен израз преку колажот што го опишувам како: „јас всушност сликам со хартија“. Притоа и цитирам слики од уметници со кои ја пренесувам пораката што си се раѓа и кристализира при процесот на создавање, бидејќи релативно долго работам на колажите.

Нова серија, која е специјално изработена за оваа изложба е „Деконструираниот роман – Платно од Бенјамин Штајн“ која содржи 13 ’распарчени‘ страни од книгата кои преминуваат во нов текст/песна и цртеж.

Оваа ’техника‘ ја применив (со еден колега во тандем) уште во 2009 врз една книга од антикварница, и таа заврши како книга-објект, исто и таа ќе биде изложена. Новата серија од таа техника оди на некое друго ниво на израз, бидејќи ’деконструкцијата‘ се врши врз роман што е мој превод од германски и бидејќи ја напушта книгата и влегува во рамка како слика, а сепак содржи и уметнички текст за читање. Како додаток на изложбата ќе има и мал преглед на некои многу стари цртежи што ќе ги симнам од таванот на родителската куќа.

Фрагмент од „Деконструираниот роман – Платно од Бенјамин Штајн“

Колажи со текст, цртежи, цртежи со текст, текст со цртежи се техниките на делата од кои произлегуваат и експериментални текстови/песни. Кои се причините во делата да правите спој на ликовната и книжевната уметност?

Пред повеќе од дваесет години сериозно размислував да студирам некоја ликовна уметност, но не знаев точно што и каде... а на академија немав шанси без предзнаења. Пробав да се запишам на моден дизајн во Виена, но не излезе ништо од тоа. Но, се вљубив во германскиот јазик и сепак му се посветив на својот друг талент - јазици и книжевност. Но еве сега е јасно дека токму тоа и се случи, одбраната професија се поврза со навидум запоставениот талент и сега заеднички функционираат и се надополнуваат.

На колажите комбинирам зборови исечени од весници и најмногу од германскиот превод на Хари Потер, а од нив настанува нов текст, кој на некој свој апстрактен начин го опишува колажот - Текстот го надополнува визуелното.

Кај текстот со цртеж е обратно, основата е од книга и како погоре што спомнав, текстот се деконструира во нов текст и цртеж, овде апстрактниот цртеж го надополнува новонастанатиот текст/песна. Некои од ’класичните‘ цртежи се надополнети со малку текст, а тој е често доста апстрактен.

За какви пораки станува збор?

Убавината на уметничкото творење е содржана во изразеното чувство на интуитивност и сензибилитет кои се двигатели во тие мигови, а ’неслучајните случајности‘, кои како во животот, така и во уметноста имаат фантастично и значајно место, играат огромна улога и во пораките што се креираат. Особено начинот на кој работам, ’уништувањето‘ на даден материјал од зборови за да создадам нешто ново од нив, се чини поограничен во можностите, но воопшто не е така.

Текстовите секогаш си наоѓаат своја јасност и целина на исказот, можеби не се секогаш јазично сосема коректни, но тоа и не е обврска на уметничките и експерименталните текстови. Напротив, има некоја убавина во таа нивна несовршеност и ситна кодираност, некоја неодолива магија.

Пораката настанува при самото творење, исто како и кај уметничкото дело, и истата варира, може да биде претежно игра на зборови или содржинска, или мешана, љубовна, тажна, смешна, сериозна, апсурдна, но секогаш е искрена и автентична.

Познато е дека долги години се занимавате со преведување на книжевни текстови и поезија. Од кога датира вашата поврзаност со германскиот јазик?

Учев почетен курс германски во Скопје во 1994, и заминав во Виена, каде останав нешто повеќе од една година, до октомври 1995. Таму научив да живеам поинаку, далеку од угодноста кај мама и тато, го осетив западниот свет, но, за жал, тогаш немав услови да студирам таму. Во 1996 веќе се запишав на германистика на Филолошкиот факултет во Скопје, а откако дипломирав во 2001 заминав за Германија, каде следеше магистратурата по современа германска книжевност и славистика на универзитетот во Регенсбург, каде и вистински ги продлабочив своите познавања на германскиот јазик и книжевност.

Го основавте и порталот „СловоКулт - Литератур/а Берлин“. Со каква цел?

„СловоКулт“ го основав во Берлин 2008 година и имаше првична цел да промовира квалитетна книжевност од македонски автори на германски јазик. Во 2016 се прошири онлајн за да промовира и квалитетна германска книжевност на македонски. Но бидејќи нема поддршка од никаде, не може интензивно да работи на овие свои цели, затоа фигурира како портал и нередовно списание на двата јазика.

Во 2015 основав и издавачка куќа како трговец-поединец „СловоКулт::Литератур/а Берлин“, ама уште не успеав да издадам ништо, а еве, првото издание ќе биде мојот мал каталог за изложбата во Скопје.

Се надевам дека конечно ќе се смени нешто и „СловоКулт::Литератур/а“ ќе може да ги остварува своите сакани проекти, во Германија сепак има шанси за мали издавачи, во Македонија тоа стана речиси неизводливо. Цел е најпрвин објавувањето на повеќејазични збирки поезија, како што објавуваше „Блесок“ во едицијата „Ева Тас“, но и поетски антологии со илустрации.

Дело посветено на Игор Исаковски

Соработувате и со македонски издавачи, особено со „Блесок“ и со прерано починатиот Игор Исаковски. Колку години траеше таа соработка и како продолжи понатаму?

Со Игор Исаковски имавме исти цели, промовирање квалитетна книжевност, а и многу сличен вкус, затоа нашата соработка започна релативно лесно и течеше интензивно – за само шест-седум години донесе 13 одлични изданија и прекрасно пријателство. Преку таа соработка имав прилика да научам многу и вистински да навлезам во процесите на издаваштвото, бидејќи Игор мене спонтано ми додели улога на уредник на изданијата што ги предлагав за превод, а тој речиси на слепо ги прифаќаше, зашто ми веруваше на изборот.

Исаковски беше врвен издавач и поет и македонската книжевна и културна сцена уште долго нема да може да се опорави без човек како него. Најпрвин би сакала да му возвратам со поетска збирка на германски, а исто така би сакала да продолжам онаму каде што застанавме ние, издавање и промовирање на врвна современа книжевност, а особено поезија.

Но, сега разбирам колку е тешко сето тоа, особено под вакви немили политички услови и за некој како мене што живее и работи во Берлин. Затоа се обидувам да остварам соработка со некои прекрасни поединци и групи, еве со „Арт Еквилибриум“ веќе имаме некои идеи и работиме на нивно планирање и спроведување.

Повеќе од десет години самостојно како литературен преведувач, книжевен уредник, поетеса, авторка, уметница живеете и работите во Берлин. Каков е амбиентот за живот и работа таму, и каква е вашата комуникација со Македонија?

Берлин е дома, а и Скопје е дома, и заради љубовта и заради чувството и двојазичноста на мојата професија и јазикот на мојот повик: Јас пишувам (и преведувам) поезија на германски, но преведувам литература на македонски. Сепак Берлин ми нуди подобри услови за живот, иако е делумно подлегнат на капиталистичката ненаситност што доминира насекаде, сепак ми пружи дом и услови кои се оптимални за слободен уметник.

Разноликоста на градот - цел свет на едно место, шармот и убавината на неговата нерасипана искреност и непосредност, либералниот и поборнички дух се околности кои ме прават среќна и ме инспирираат. Опуштеноста и многуте можности за култура, уметност, забава и рекреација, запознавањето луѓе и наоѓањето соодветни кругови за професионална размена се големо богатство.

Инаку не е лесно, бидејќи доколку човек без отстапки му се посвети на споменатиот книжевен квалитет што не носи пари, ќе мора да биде силен и да издржи на работ од егзистенцијата. Јас преведувам комплексни книги што добиваат поддршка од фондации и други институции, но во споредба со работата, тоа едвај е доволно за нормален живот, секогаш се крпи крај со крај.

Многу е тешко, заради тоа немав ниту време, ниту можности поинтензивно да се посветам на своите дела, но еве сега и тоа се менува, а јас сум благодарна што „Концепт 37“ и „Паратисима Скопје“ ме втурнаа во оваа авантура, и што пријателите (и македонски и германски) ме поддржаа да не колабирам финансиски.

Скопје секогаш ќе остане родниот град што го сакам и секогаш ќе гледам да го надополнам со книги, уметност и култура, а уметничко-книжевната размена Скопје - Берлин е уште една од главните цели, само уште да успееме да најдеме поддршка. Јас преведувам исклучителни дела на македонски и никогаш нема да престанам да го правам тоа, затоа и мојата врска со Македонија никогаш нема да згасне, бидејќи книжевниот јазик е многу поголем дом од просторот во кој живееме. Затоа и не ми е јасно, зошто луѓето не читаат, зарем просторот им е доволен?

Тони Димков

Фотографиите се од архивата на Елизабета Линднер Костадиновска

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе