Димитар Башевски: Писма од карантин (2)

Поетскиот збор и мртвите царства

Вирусната пандемија не го отстранува злото што во една мера дигиталната технологија и неолибералната филозофија и практика на живот, му го нанесуваат на човештвото.

Зоран Анчевски

Македонски ПЕН центар

10 април 2020

 

Драг Зоран,

Ми рече дека ќе бидеш во Преспа, во Сирхан, во твојата убава куќа над езерото. Летоска, кога бев таму кај тебе, бев восхитен од глетката од азур што се протега дури онаму од другата страна кон Сливница. И таму изолацијата што ни ја наметна пандемијата на корона вирусот сеедно важи, но сигурно е дека се поднесува полесно. Деновиве се топли и ние планиравме да заминеме во Ѓавато, но некако задоцнивме, започна онаа рестрикција која нам, на повозрасните, не ни дава повеќе од два часа за слободно движење, а за два часа не може да се стигне до Ѓавато, во Потпелистерието.

Така, седејќи сега дома, пребарувајќи низ компјутерот, го најдов текстот на Поетската порака што, по твоја молба, во име на Македонскиот ПЕН центар, јас требаше да ја напишам и да ја изнесам на собирот во НУБ по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата. За жал, собирот, поради корона-вирусот мораше да се откаже. Пораката што ја напишав остана во мојот компјутер. Тие денови, на почетокот од март, слушавме за случувањата во Кина, но кај нас сè уште не бевме потиснати со сета закана од заразата. Таа закана, можеби затоа, не е спомната во мојата Поетска порака. Јас тогаш размислував за животот на поезијата во дигиталната ера. Макар свесен за сите опасности, јас сепак, напишав: Поезијата е жива!

            И понатаму: Застрашувачки е она што некој го беше рекол:

            Дури и солзите се дигитални.

Што значи тоа? Дали тоа значи дека новата дигитална ера до таа мера ги менува и нашите чувства и ја менува воопшто нашата био-природа? Дека и кога плачеме, плачеме преку некаква чип-апликација. А човекот, во случајов од аспект на поезијата, на уметноста, бил секогаш ист: од Гилгамеш и Рамајана, до нордиските северни епови, и до романите на новите векови - човекот е ист: љубов, омраза, завист, прељуба, нежност, грубост, насилство, подвластување, порив за слобода... Бојно поле е срцето човеково (Димитри Карамазов). И културата, етиката или политиката, биле и се тука, но сепак надвор и, за да бидат дел од уметноста, мора да се подведат на естетскиот аспект.

Јас оваа таканаречена ера ја доживувам како преодна ера, ера која ќе ја надживее поезијата, ера непоетска и опасна во некои нејзини аспекти, но преодна, како што сме имале и други преодни ери низ времето.

Што да се прави?

Па, поезијата самата го прави она најбитното со нејзината виталност, со самото нејзино постоење или, поточно, со фактот што е во човекот, што е дел од него, во човекот кој постои и – додека постои. Вистина е дека денес, како што вели Влада Урошевиќ, тоа што ја одржува во животот поезијата, е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот, вели тој, е еден вид отпор. Дали и Нобеловата награда на Боб Дилан, како поет, можеме да го примиме како свесен чин на отпор од страна на Нобеловата академија?  

Да, самото постоење на поезијата, самото пишување поезија е еден вид отпор, а пак нејзината природа е друго прашање. Прашањето што е поезија, е друго прашање. Таа како уметност не презема никаква директна одговорност за светот. Нејзиниот живот е живот на човековиот живот, на неговиот чувствен и умен свет, и се плашиме дека дигиталната ера го испоснува тој живот до степен што Дури солзите се дигитални и уште до степен што во некои моќни земји, во редовната настава, веќе се воведуваат „часови на радување“.

А сепак, поезијата е жива.

Таа минала и преживеала различни ери, била потиснувана или поддржувана. Нејзе ѝ е инхерентна слободата. Самата уметност е слобода. Самата поезија е слобода. Го преживеа соцреализмот и сталинизмот, кога и од неа, како и од другите уметности, се бараше да ја отсликува „реално“ стварноста. И настануваше парадокс: ако некој автор навистина успееше да ја отслика баш реално таа таква стварност, тогаш беше затворан и прогонуван во Сибир. А сепак, покрај сиот ужас, се наоѓаа поети како Павел Коган, кои ќе речат остро и страсно:

Јас од детството не го сакав овалот

Јас од дестсвото го цртав аголот.

Значи, сепак, во најжестоките времиња, кога по десетмина или по дваесетмина поети беа одеднаш апсени, а сите заедно стотици, во некои макар многу куси периоди на таканареченото „затоплување“, како она по смртта на Сталин, силно се изразуваше важноста на пеозијата за еден цел живот. Лилијана Лунгина во својата книга сведоштва под наслов „Во прво лице“, пишува: „Тие години се појавија плејада нови поети... Тоа беше нешто мошне живо, нешто мошне свежо, мошне вистинито...Набрзо почнаа оние грандиозни читања, кога поетите настапуваа на спортските стадиони... Еве, кога живиот човечки збор ненадејно се проби низ тоа човечко мртво царство...“

Дали и ние, нашево денес, кога И солзите се дигитални, можеме, значи, ова денес, да го наречеме „човечко мртво царство“? Нашата бојазност е легитимна, но сепак, дури и во она советско „мртво царство“ за кое зборува Лунгина, живиот човечки, поетски, збор во еден момент ненадејно се пробил и тоа било „нешто многу живо“. Бојазноста за статусот на духовноста наспрема техницизираниот живот, е присутна поодамна, во деветнаесеттиот век  Достоевски зборува за Големиот инквизитор, потоа дојде опасноста за која зборуваше Орвел, а после него Хаксли.

Нил Постман можеби е во право кога се обидува да покаже дека современиов свет може подобро да биде објаснет со книгата „Храбриот нов свет“ на Хаксли, отколку со книгата „1984“ на Орвел. „Орвел“, вели тој, се плашеше од оние што ќе забрануваат книги. Хаксли се полашеше дека нема да постои причина да се забрануваат книги, затоа што нема да има човек што ќе сака да чита. Орвел се плашеше од оние кои ќе сакаат да нè лишат од информација. Хаксли се плашеше од оние кои ќе ни дадат толку многу, така што ќе нè направат пасивни егоисти. Орвел се плашеше дека вистината ќе биде криена од нас. Хаклси пак се плашеше дека вистината ќе биде удавена во морето на небитното. Орвел се плашеше дека ќе станеме заробена култура. Хаксли се плашеше дека ќе станеме тривијална култура.

А сепак, поезијата е жива.

И тој Ден на поезијата, тој собир, тоа читање поезија на 21 март, макар што се откажа, кажува дека е таа жива и нема да се напуштат човекот и таа, поезијата, независно во која форма таа поезија ќе се пројавува, можеби понекогаш и како оној графит: Мандарините поскапеа, а ти сè уште си ми лута, Жана, дека низ кризното, испоснето, заплашувачко дигитално време, ќе минат збогатени со искуството за опасностите што тоа време ги носи. И ќе живеат.

Очигледно, едно зло, не поништува друго зло. Кога би било така, Зоран, луѓето би се служеле со злото како со згодна алатка. Вирусната пандемија не го отстранува злото што во една мера дигиталната технологија и неолибералната филозофија и практика на живот, му го нанесуваат на човештвото. Точно е дека во околности какви што се овие денес, ние се поеднаквовуваме“, но стравот од непријателот кој делува фантомски, може да биде исползуван од моќта што ја поседува во принцип власта, за човекот, уплашен, да остане невидлив во масата. Се кине секојдневниот ритам на животот, во некаков редуциран процент ги чувствуваме и иднината и минатото за кое ти, како за традиција во книжевноста и во културата зборуваш во твојата студија под наслов „За традицијата“, упатувајќи најмногу на творечкиот опит на Елиот и Конески. Драго ми е што ми ја даде таа богата студија, во која за Блаже, секако со право, велиш дека тој како ни еден друг автор во македонската книжевна историја, изврши извонредна „теоретизација“ на односот на една култура кон сопственото минато и традиција.

Те чекам, во повесели околности, да ги продолжиме разговорите.

Да не заборавиме и на ПЕН, чиј претседател си сега ти, на Македонскиот ПЕН центар, како дел од светската елитна асоцијација на писатели. 

Димитар Башевски

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе