КНИЖЕВНИ НАГРАДИ

ДПМ ги објави добитниците на наградите за најдобри книжевни дела во 2016 година

Претседателите на комисиите во Друштвото на писателите на Македонија ги соопштија одлуките за наградите што ги доделува ДПМ: „Ацо Шопов“ за најдобра стихозбирка доби Гордана Михаилова Бошнакоска, „Стале Попов“ за најуспешно прозно остварување – Лилјана Пандева, „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи – Кристина Николовска, и „Ванчо Николески“ за најуспешно дело за деца и млади – Александар Поповски.

Комисијата на Друштвото на писателите на Македонија за доделување на наградата „Ацо Шопов“, за најдобра поетска книга објавена во 2016 година, во состав Виолета Танчева Златева (претседател), Иван Чаповски и Василе Димески едногласно донесе одлука наградата да се додели на стихозбирката „Песна на ридот“ од Гордана Михаилова Бошнакоска.

„Поезијата во стихозбирката ’Песна на ридот‘ е слоевита во своите значења и е израз на длабоки и искрени доживувања. Книгата ја открива суштината на самата поезија како порака во потрага да се напише едноставна, но силна песна исполнета со егзистенцијални вистини за човековото постоење. Станува збор за чиста поезија, ослободена од непотребни баласти, поезија која ги носи спецификите на поетското писмо на авторката од нејзините досегашни остварувања, но надградена со нови инспиративни и имагинативни наноси, но и со естетски валери кои претставуваат достоинство за македонската поезија“ – образложи комисијата.

Авторката Гордана Михаилова Бошнакоска изрази благодарност за наградата и потсети дека во македонската поезија таа е присутна веќе 50 години и има објавено 15 стихозбирки. Исто така, се потсети дека на 14-годишна возраст пред публика ја читала песната „Очи“ од Ацо Шопов, правејќи аналогија дека уште на почетокот од нејзиниот поетски живот бил присутен големиот македонски поет за во 76-та година од својот живот да ја добие и наградата востановена во негова чест. „Ацо Шопов не беше само поет, туку и почитувач на убавината“ – рече Михаилова Бошнакоска.

Комисијата на ДПМ за доделување на наградата „Стале Попов“, за најдобра прозна книга објавена во 2016 година, во состав Наташа Аврамовска (претседател), Ресул Шабани и Блаже Минески, едногласно донесе одлука наградата да се додели на романот „Доилката“ од Лилјана Пандева.

„Одлуката беше донесена со оглед на вонредната умешност и зрелост, прочистеност и есенцијализираност на книжевниот стил во романот ’Доилката‘. Лилјана Пандева романескната љубовна приказна ја сместува во средновековието и ја испишува со вонредна лирска драматичност. Древната балканска легенда за жртвувањето, авторката на извонреден уметнички начин ја трансформира во современо книжевно остварување со висок дострел“ – образложи комисијата.

Авторката Лилјана Пандева рече дека е особена среќна што наградата го носи името на Стале Попов, писател што ги удира темелите на современата македонска книжевност. „Како што неговиот прв роман ’Крпен живот‘ е современ роман базиран на македонската традиција, така и ’Доилката‘ на некој начин е современ роман кој се базира на факти и на историска приказна, која се случила многу одамна“, рече Пандева.

Комисијата на ДПМ за доделување на наградата „Димитар Митрев“, за најдобра книга со литературна критика и есеј објавена во 2016 година, во состав Маја Јакимовска Тошиќ (претседател), Ефтим Клетников и Венко Андоновски, едногласно донесе одлука наградата да ја добие книгата „Светлинска“ од Кристина Николовска.

„Во есеистичките проследувања на авторката Кристина Николовска, систематизирани во девет тематски циклуси, доминира определбата за сеприсутноста на поезијата, согледана преку еманација на светлината – емотивна и духовна. Мотивацискиот импулс на Николовска е насочен кон автори, нивни поетски и прозни остварувања вклопени во поетиката на светлината низ херменевтички поетски анализи кои истовремено се возбудливи и јасно прецизни. Својата интерпретациска поетика авторката ја варира низ повеќе одредници, кои ја имаат улогата на семантички полиња, како што се ’филозофија на светлината‘, поезијата како светлосна енергија, светлосна еманација во дијалог со интонација, светлинска димензија во светлосна поезија... Во книгата поезијата е третирана како говор на светлината и претставува надоврзување на досегашните херменевтичко-креативни проследувања на значајни македонски автори и дела во дијалог со балканскиот и светскиот книжевен контекст“, образложи комисијата.

Авторката Кристина Николовска истакна дека добивањето на наградата „Димитар Митрев“ за неа е највисока гордост и највисока потврда во сите досегашни години на нејзината посветеност на литературата, словото, јазикот и речта. „Неизмерна годрост е да се носи награда со името на великанот Митрев, и великаните пред него, и се надевам дека ќе бидам достоен светлосен зрак во македонската книжевна светлина на скалата на гордоста на македонската литература“ – рече Николовска.

Комисијата на ДПМ за доделување на наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца и млади објавена во 2016 година, во состав Стојан Тарапуза (претседател), Делвина Керлуку и Христо Петрески, едногласно донесе одлука наградата да ја добие стихозбирката „И по сто пати“ од Александар Поповски.

„Стихозбирката на доајенот на современата македонска литература за деца и млади, Александар Поповски, содржи 85 песни, испеани на теми и мотиви позајмени од животот, од природата и од светот што не опкружува. Тие песни се топли, искрени и доживеани, па затоа и ги примаме како изблици на срцето, како воздишки на душата... Авторот пее за тоа што го гледа, што го слуша и што го доживува. Пеејќи тој го потсилува својот оптимизам. А тоа е најдобриот начин за ослободување од стегите на реалноста, на секојдневието“ – образложи комисијата.

Авторот Александар Поповски, изразувајќи благодарност за наградата, потенцира дека долги години бил директор на „Детска радост“ и дека не успевале да ги објават сите книги што во текот на годината биле напишани за најмладите читатели. „За жал, ситуацијата со литературата за деца денеска е сосема поинаква, а нашиот најмлад антологиски писател за деца има повеќе од 60 години. Можете да замислите каква трагедија е тоа“, нагласи Поповски.

Годишните награди за најдобри книжевни остварувања во 2016 година на наградените автори ќе им бидат врачени на 16 февруари во Друштвото на писателите на Македонија.

Т.Д.

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

повеќе

Платформата е формирана на 9 мај 2018 година во рамките на проектот на УСАИД, во која се вклучени 4 комори за да се зајакне јавно-приватниот дијалог во процесот на подготовка на донесување закони и други прописи поврзани со работењето на бизнисот.

повеќе