Дарко Гавровски со книги и песни ја изразува својата љубов кон Тетово

Дарко Гавровски во Тетово е познат како голем „Тетоволог" , како човек кој го сака својот роден град без разлика на се што се случува и како функционира. Големиот број податоци и информации од богатата историја на градот тој со децении ги собира со цел да издаде што повеќе пишан материјал како оставштина за следните генерации. Тој е пред крај со подготовката на втората дело „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика".

Првата е издадена во 2009 година и наречена „Тетовски древности-Полог од Праисторијата до 7.век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај“. Ја создаде песната „Ја го љубим Тетоо“ на тетовски дијалект, што се смета за неформална химна на градот. Има материјал за издавање уште книги-посветени на тетовските села и летопис за средновековието во Тетово.

Со издавање на делото „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“ целта е да се зачува од заборав препознатливиот тетовски градски дијалект. Тој смета дека тетовскиот градски говор се помалку го има поради иселувањето на тетовци, како и доселувањето на луѓе кои користат други дијалекти.

„Се помалку може да се најдат стари тетовчани со стари тетовски корени, заради тоа што најголем дел од тетовчани се селеле во Скопје, на нивно место доаѓале од селата кои имаат подруг говор, од градскиот тетовски говор. Тетовчаните постари се иселуваат во поголемите градови во Скопје, во Белград, се иселувале. Така што мал број луѓе ова го зборуваат. Се поретко може да се сретне низ Тетово класичните „таќе, ваќе, руќе, ноѓе“. Се почесто селските варијанти- „таке, ваке, руке, ноге„ …Така што мислам дека ова е и последен обид да се зачува овој говор“, вели Дарко.

Пример за разликата во дијалектот според истражувањето на Гавровски е споредбата со вратничкиот говор. Додека вратничкиот говор спаѓа во северното наречје, тетовскиот е мешавина на северно и западно наречје.

„Во тетовскиот говор карактеристка е редукцијата на буквата „а“. Во истражувањето утврдив дека првиот научен напис за граматиката на тетовскиот говор датира од 1894 година од бугарски автор Силјанов“, вели соговорникот.

Книгата „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика ќе има над 7000 зборови, сите со богато објаснување за потеклото,значењето и употребата.

„Можам да кажам дека ќе биде најлуксузното издание за еден говор во рамките на целокупниот македонски дијалектолошки јазичен корпус. Заради тоа што е енциклопедиско издание во кое има ги сите досегашни историски истражувања на тетовскиот говор, граматика, фонетика, морфологија на тетовскиот говор и богата лексика од над седум илјади зборови на тетовскиот говор со објаснета етимологија, потекло на говорот значи, опис, но не само краток опис, туку целосно како се употребувал тој збор во Тетово“, потенцира Гавровски.

Како пример посочува зборот- абаџија. За речникот собирал податоци кои биле најстарите абаџии, историјатот на абаџиството и слично.

„Ако е некоја црква, историјатот на таа црква, со карти на Тетово, со слики од поголемиот дел на предмети непознати досега, пошироко непознати и исчезнати, така што мислам дека ќе биде книга која ќе остане за наредните генерации како завештание, за да можат да остане како аманет за идните генерации, објаснува Гавровски“, кој веќе ја има издадено книгата Тетовски древности во 2009.

Податоците за ова дело се собирани над 20-тина години. Гавро, како што го препознаваат тетовци во своето истражување користи голема библиографија од над 600 извори-книги, списанија, пишани документи, како и стотици интервјуа. Бележи дека прва пишана песна на тетовски дијалект е „За куќна слава“ во 1852 година од Јеромонах Арсение, ученик на Кирил Пејчиновиќ. Во 1938 година прв весник кој пишува на тетовски говор е „Општински удар“ од Боро Јосифовски. Како прв звучен запис на тетовски дијалект е познатата песна „Благуњо дејче Пожаранче“

„Интересот е на мојот татко кој почна да собира во едни две тетратки стари зборови но само зборовите. Тоа беа стотина зборови, потоа јас ги проширив до седум илјади зборови со објаснувања. Лесниот дел беше да се соберат тие зборови. Се собираа од стари луѓе. Еден збор па го потврдувам дали е така, тој збор или стари маала, каде се наоѓале Кокушоо ќуше или Фејзоо сокаче, значи и градската топонимија е пишана тука. Потешкиот дел беше да се објаснат тие зборови, зошто има зборови кои знаеме како се користат, но тешко е да се објаснат. На пример гргара, како ќе го објасниш зборот гргара, правење…плакнење на устата или целиот процес. Објаснети се тука игри, детски игри, како се играле, правилата на играта, старите слави, колкав број, која слава колку куќи ја слават. Видови на бои“, вели Дарко.

Голем дел од податоците и информации за Тетово Дарко ги има поставена на интернет страницата www.gavro.com.mk што се смета за Тетовопедиа. Има и страница на социјалната мрежа Фејсбук со речиси 10 илјади посетители.

Ја Го Љубим Тетоо

Ја го љубим Тетоо, туе ми је срцево, Когај ја сум Тетоо – на душава убоо, Ја го љубим Тетоо.

Ја од ‘Саат Маало’*), Ти од ‘Поток Маало’*), Ама, чим ми даде ишарет1), ја ќе дојдем навечер, Да ти поем дејче подпенџер.

Низ капиџик побегни, на ќушето дојдими Очи ја да исплакнем, многу да те исцунем2), Да ми пројде мерак за тебе.

На пазар ќе идем ја, право ‘Горна Чаршија’*), Да ти купим кадифе, турско злато прстењче, Да те верим тебе за мене.

Низ ‘Два Бреста’*) рашетав, малу накај ‘Певчина’*), По бавчете јабуќе, на чардаци сардуње3), Теферич4) си праевте.

У петок ќе дојдем ја, да ми праеш Тава Гра, Една тава – два сомуна5), Горко кафе – слатко од дуња, Како Паша да ме пречекаш.

Најубаај дејчиња има само овдека, Алалије6) на руќете, црвенило на бузете7), Дотерани ида свегдека8).

Кој го нејќе Тетоо, да пукне од к‘сканлок9), За еден Стамбол – два Солуна, не го даам Тетоо, Ја го љубим Тетоо.

Ја го љубим мое Тетоо.

Објаснувања на помалку познати зборови од тетовскиот дијалект: *) Назив на старо Тетовско маало; 1) Ишарет – знак даден со очите, намигнување; 2) Исцунем – избакнам. Цунуење = Бакнување, Целување; 3) Сардуње – Сардела, вид саксиско цвеќе; 4) Теферич – Уживање на отворено, излет; 5) Сомун – Погача леб; 6) Алалије – алки, украс за на раце; 7) Бузе – усни; 8) Свегдека – секаде.

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе