Издавачот на читателите вака им го препорачува „Човечулец“: „Оригинален, со чувство за хумор и ерудиција, автор за сите поколенија, Александар Прокопиев напишал волшебна и остроумна книга, што ќе ни даде уникатно читателско уживање.
Тој раскажува за вината и прошката, за товарот на победите и поразите. Неговите сижеа преплетуваат современи стории со приказни, легендарни и митолошки мотиви. Така писателот прави свои интерпретации на „Дивите лебеди“ и „Снежана“ или ни го покажува светот низ очите на грдото вонбрачно дете, на човекот со едно крило кој се пресвртува во цар на птиците, на туѓинецот што припитомил змиулче, на алхемичарот кој се обидува да создаде човече под стаклено ѕвоно“.