КНИЖЕВЕН ПРЕВОД

„Антолог“ објави раскази за Кафка и Ерусалим од Виктор Фишл

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави книгата „Ерусалимски раскази / Кафка во Ерусалим“ од чешко-израелскиот писател Виктор Фишл, познат и како Авигдор Даган. Преводот на македонски јазик е на Маргарета Карајанова.

Својата долгогодишна писателска кариера Виктор Фишл ја почнал како поет, а подоцна се надоврзал со кратки раскази и романи. „Ерусалимски раскази“ и „Кафка во Ерусалим“ се неговите две најпознати книги, овој пат објавени во едно издание.

Заедничко обележје на овие хумористични и носталгични раскази, исполнети со чудните и чудесни жители на Ерусалим, е необичната фасцинација од градот во кој авторот живеел со години и за кој вели: „Тоа постојано се случува во Ерусалим. Ќе дојдеш до завршетокот, а потоа гледаш нова мрежа од можности. Мислиш дека си дошол до крајот на патот, а ти всушност си на крстопат, односно на почетокот на голем број нови патувања... бидејќи овој град, каде што сè расте и каде што нема почеток и крај, е идеален за секој човек, но најдобар е за книжевниците. За делата што ги пишуваат.“

Постојат два пата до Ерусалим: да се влезе преку Портата Јафа или да се отвори оваа книга.

Книгата е објавена со поддршка на Чешкото министерство за култура.

Виктор Фишл / Авигдор Даган (1912-2006) бил чешко-израелски писател. По дипломирањето социологија и право во Прага, почнува дипломатска кариера. Бегајќи од нацистите, во 1939 година емигрира во Обединетото Кралство. По војната се враќа во Чешка, но во 1948 година се преселува во Израел, каде што го менува името во Авигдор Даган. Бил израелски амбасадор во неколку држави. Пишувал на чешки јазик. Познати се неговите современи препеви на чешки на Псалмите и на „Песна над песните“.

Книгата е достапна и во новоотворената книжарница на „Антолог“ во центарот на Скопје.

Премиерот имаше добра прилика во највисокиот светски политички форум, поексплицитно да ги образложи причините за спорот за името.

повеќе

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе