Ќе се одржи првиот Скопски поетски фестивал

Ана Голејшка Џикова: Почнуваме ново поглавје од културната историја на Скопје

Скопски поетски фестивал е интернационален фестивал, кој годинава ќе се одржи за првпат во Младинскиот културен центар, на 1, 2 и 3 септември. За време на тридневниот фестивал ќе учествуваат четириесетина поети, музичари, филмаџии и уметници. Покрај поетските читања, на фестивалот ќе може да се видат и изложба, прв поетски саем, работилници, поетски филмови, книжевни промоции и диско-поезија.

Централен настан на Скопски поетски фестивал (Skopje Poetry Festival) ќе биде интернационалната вечер на која ќе настапат звучни имиња од светската поетска сцена: Ким Симонсен и Вонебјерт Ванг од Фарски Острови, Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција и Лидија Димковска од Македонија/Словенија.

Фестивалот го организира група ентузијасти, веќе потврдени поетски имиња во земјава и странство: Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Јованчо Димоски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска и Снежана Стојчевска, под раководство на „ПНВ публикации“.

За Мкд.мк разговараме со познатата македонска поетеса и писателка за деца Ана Голејшка Џикова.

Што значи за Скопје еден ваков фестивал?

-Значи многу! Значи откривање цел еден свет на различни уметнички пристапи, кои преку поезијата ќе добијат формат, перформанс, слика во живо пред скопјани. Овој фестивал е дамар во кој ќе пулсира уметноста три дена низ екстензивна програма полна со секаква содржина. Поезијата ќе биде нишката што ќе ги „плете“ приказните во еден широк контекст во кој ќе влезат зборовни, музички и човечки приказни. Скопски поетски фестивал, или СПФ, е дефинитивно фактор што ќе го заштити градот од енергетски пад, кој ќе ја осветли домашната сцена, а ќе создаде мрежа и комуникација со светот. Чекориме по тој пат, со многу љубов, многу отвореност и желба навистина да си го оствариме сонот. Правењето фестивал е дамнешна желба што тлеела и конечно излегува надвор, да се оствари.

По што би сакале да се разликува овој фестивал од останатите? Кога го замислувате во иднината што би сакале да му биде клучно обележје, по што би бил препознатлив?

-За мене фестивалот е одгледување заедничко дете, на сите во тимот. Секој може да му пренесе од својата уметничка генеза, да вложи безрезервна грижа и креативност, која во иднина ќе го расте фестивалот. Го замислувам како трајна вредност која ќе стои рамо до рамо со европските, па и светските фестивали и ќе биде бучна кошница со различни уметници што ќе плетат заедничка приказна, од година во година. Сакам да го препознаваме во иднина како место на кое младите поети ќе добиваат шанса, каде поетските теми и песни ќе добиваат релација со музиката и сликарството, каде ќе се учи нова поетика. Затоа што овој фестивал е и идентитет. На нашата земја, јазик, вредност и комуникација со другите јазици надвор.

Во тимот што го организирате СПФ сте претежно млади поети и годинава работите речиси без финансиска помош. Какво чувство ви буди фактот кога ќе помислите дека во Македонија ако немаш врски или веќе изграден бренд, се’ мора да оди на туркање (особено од сферата на културата)?

-Ме фаќа пркос, инает и силна љубов. И знам дека во тимот сите сме такви луѓе, кои можат многу, кои веќе се докажани на домашната поетска сцена и со заеднички сили ќе го оствариме тоа што сме си го ветувале по случајни средби, настани... И конечно станува реалност. Ова е нашата реалност, ова е наша одговорност – да создаваме нешто што ќе биде заедничко за сите и ќе промовира култура, ќе создава социјално јадро. Наше е да туркаме и да направиме фестивал што ќе ни даде нови видици за понатаму. Ако добиеме поддршка, тоа е бонус за сите. За целата заедница.

На фестивалот ќе гостуваат звучни имиња од светската поетска сцена. Како би сакале нивните очи да го видат фестивалот и градот?

-Да го видат Скопје како што си го гледаме и сакаме ние, барем за кратко. Прегратка од градот, преку поезија, песна и разговори. Да уживаат, споделувајќи ги своите зборови, затоа што мостот помеѓу два јазика е и низ чаша вино и песна. Да го пренесат и дома чувството што ќе ги освои овде. Да се инспирираат, да прераскажат. За тоа и постои фестивалот, да создаде мрежа и креативен набој што ќе ја плете прикаската за годината потоа.

 Од гастрономска гледна точка, би ги одвела на симитче и ќебапи во чаршија. Да пијат вино на лединката кај МСУ. Да се дружиме во ладовините на МКЦ. Да зборуваме за светот и колку можеме да го поткрепиме духот со поезија во вакви чудни, пандемиски времиња.

Доказ сте дека и поезијата може да биде движечка сила и на град како Скопје да му даде шармантна нота, дух што му недостига. Што друго му недостига на Скопје?

-Му недостигаме ние. А ние веќе му се случуваме. Се надевам само дека цврсто ќе се држиме пред полетување и штом ќе слетаме, ќе почне едно ново поглавје од културната историја на еден град. Доволно е што си веруваме едни на други и сами ја почнуваме промената. Јас верувам дека на Скопје му недостига поезија и редно е да му ја дадеме во вистински облик, како заедништво од многу уметници.

Ако не беше поезија, ќе беше?

-Самиот живот. И љубовта низ него, која колку пати и да се скрие, ја наоѓам во најчудните места и ме потсетува зошто сум овде – за да љубам и да создавам.

Р.Д.

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе