Кина и 17 земји од ЦИЕ усвоија Скопска декларација со план за активности во културата во 2020 и 2021

Учесниците на 4. Форум за културна соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа ја усвоија Декларацијата од Скопје и го одобрија Планот за соработка за 2020 и 2021 година.

Во присуство на премиерот Зоран Заев, Декларацијата ја усвоија министрите за култура на Кина, Македонија, Србија, Црна Гора, и Словенија, како и претставници од министерствата за култура или амбасадори од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка.

Во овој финален документ од Форумот се нагласува поддршката на активностите на Центарот за координација на културната соработка помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ кој минатата година во март беше отворен во Скопје, по одлуката од третиот форум за култура што се одржа во кинескиот град Хангџоу. Тие го поздравуваат и развивањето веб-платформа на Центарот, која ќе биде алатка за размена и промоција на информациите и идеи од културата. Од секое министерство за култура на 18-те земји ќе биде назначен експерт одговорен за ажурирање на веб-платформата за културна соработка.

Во Планот за соработка за наредните две години учесниците на Форумот се обврзуваат да ја унапредат и зацврстат културна соработка, со посебно внимание на теми за промоција на културното наследство, продукција и дистрибуција на филм, културни и креативни индустрии, современа уметност.

Предвидена е идеја да се здружат најпознатите музичари од сите земји членки на 17+1 во еден оркестар кој ќе ги изведува најпознатите симфониски дела на меѓународни фестивали во секоја од земјите. Планирано е да се формира координативно тело за размена на уметници и изведувачи и музички програми.

Меѓу активностите што се планирани за во нашата земја, Планот предвидува во септември 2020  Скопје да биде домаќин на вториот Форум на Унијата на библиотеки помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Организатор ќе биде Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Во септември идната година, исто така, Кина и земјите од ЦИЕ ќе учествуваат во работилница на Агенцијата за филм што ќе се одржи  на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Во април-мај 2021 година, пак, во регионот Пелагонија се планира третиот Форум за културно наследство на тема за средниот век и поствизантискиот период. Центарот за координација на културната соработка помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ ќе биде главен организатор на овој форум во чии рамки ќе се одржат и работилница за фрескописи и заштита на фрески.

Земјите во Процесот 17+1, според двегодишниот план, ќе ја зацврстат соработката и во областа на  културните и креативните индустрии, за што во јули 2020 ќе биде организирана работилница во Охрид. Посебен акцент ќе се стави на традиционалната изработка на накит, филигранска уметност и охридскиот бисер.

Во завршните одредби на Скопската декларација се посочува дека имплементацијата на оваа програма за соработка да зависи од финансиските ресурси достапни на земјите учесници.

„Можно е да се предложат дополнителни иницијативи и активности, коишто ќе се сметаат како дел од оваа програма, а кои произлегуваат од специфични културни настани, стратегии или политики што ќе се реализираат во горенаведениот период“, стои во Декларацијата што попладнево беше усвоена на 4. Форум за културна соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Попладнево во рамки на форумот ќе биде претставена веб-платформата на Центарот за координација како алатка што во иднина ќе ја олесни комуникацијата, а учесниците на форумот е предвидено вечер да проследат концерт на Филхармонијата.

Министерскиот форум за културна соработка од Процесот 17+1 ќе продолжи и ќе заврши утре во Археолошкиот музеј каде што министрите за култура на земјава и на Кина, Хусни Исмаили и Луо Шуганг ќе ја разгледаат постојаната поставка. 

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе