Интервју

„Топли одрони“ од душата со поетесата Ирена Белешковска

„Топли одрони" е првата стихозбирка на Ирена Белешковска, поетеса и писателка од Крива Паланка. Делото поради околностите кои ги донесе пандемијата сѐ уште чека на официјална промоција, но во меѓувреме ги најде сите скриени патеки до читатетелите. Причината можеби е и поради емоциите кои ги буди оваа книга, а толку се потребни во околности кога светот страда. За силата на љубовта која ја движи уметноста и е насушна потреба на секој од нас, но и за низа други сегменти во кои се пронаоѓа поетесата зборуваме токму со Белешковска!

Пандемијата која го зафати светот ги стопираше сите активности. Имено, за минатата пролет беше закажана промоцијата на вашето првенче, вашата прва стихозбирка. Промоцијата е одложена за некои посоодветни денови... Најпрвин збор-два за делото, што содржи, колку време творевте на истото, со каква тематика се песните?

Делото, моја прва стихозбирка и книжевно првенче е насловено „Топли одрони“. Содржи поезија со многу силни емоции, со многу реални и силни пораки за важноста на добрината, за моќта на љубовта во сите нејзини форми: од  мајчинска, преку сестринска, до љубов кон пријателите и ближните...со пораки кои ја акцентираат  насушната потреба на човекот да биде човек во време на ерозија на вредностите и хипокризија на личностите. Песните, со најмногу лирски и социјални мотиви, се создавани во краток интервал од помалку од една година, во време кога бев во блажена состојба и можеби емоциите го достигнале својот максимум, но сепак, крилатиците од речениците се, по мене, а очекувам за тоа да проговорат и да го препознаат и читателите, вонвременски, универзални. Иако испишани и пренесени на лист харија во 2014 година, светлината на денот овие стихови ја дочекаа по шест години, лани, 2020 година, како што и бива кај нас, со личен влог и самофинансирање, по неколкугодишните неуспешни обиди стиховите да бидат препознаени од книжевната фела, конкурирајќи со истите на реномирани книжевни конкурси во внатрешноста на државата и во Министерството за култура. Нејсе, радоста да се има свое книжевно чедо ја доживеав лани, точно пред една година, 28 јануари 2020 година, значаен датум за мене лично, а промоцијата сè уште чека „подобри денови“, така што, исклучително сум Ви благодарна Вам и на вашиот медиум за можноста да проговорам за ова дело со „топли одрони“ од душата.

Како го доближувате своето творештво до читателите, вљубениците во убавиот пишан збор? Која е моќта на зборовите кои им ја нудите?

На мое големо задоволство, активно членувам во литературен клуб на творци и читатели „Калин“ кој функционира во библиотеката „Кочо Рацин“ при НУ Центар за култура, Крива Паланка и заедно со останатите членки и раководството, редовно организираме настани за промоција и етаблирање на поетското творештво во јавноста. Иако пандемијата ги редуцираше настаните од јавен карактер и ги сведе на минимум активностите за промоција и афирмација на македонскиот литературен јазик претставен и вообличен преку поетското перо на книежвните дејци, не спласна поривот да се твори и да се говори за поезијата и творештовото. Оттука, би сакала да нагласам дека во периодот на Ковид-19 пандемијата започнав активнода членувам и во групата „Онлајн читање поезија и проза“ на ФБ и имам можност со членовите на групата од државата и бројни Европски земји да ги споделам моите стихови. Им благодарам за можноста и ги поздравувам.

Кога говориме за моќта содржана во зборовите што им ја сервирам на сладокусците на писмото во стих, на „менито“ се нуди: човечност, праведност, љубов безрезервна, чистина на срцето- детска и непогрешна, искреност, чеснот, добрина...

 

Слобода, љубов, болка, емоции, предизвиците на денешницата...Што е вашата инспирација? Од каде и кога се појави поривот за „поетски вез на хартија“?

Пишувам и творам откако знам за себе, и колку и да звучи како клише, ќе речам пак, дете сум од генерациите што растеа со книга в рака, без електоронски уреди, со размена на идеи, со читање меѓу редови, со многу искажани и  уште толку недоречени мисли, на лист хартија, во разно-разни бележници, кои иден денес ги чувам и ми се драги. Пишував и запишани ги чувам белешките, размислите, како на И.Андриќ „знаците крајпатни“, во украсни тефтери, на листови пожолтени и со гордост им ги читам и препорочитувам на моите најблиски, обидувајќи се да ја пренагласам моќта на пишаното и прочитаното, од книга, запишано со рака... Ме инспирира човековата емоција, мисла, а инспирацијата и мотивот за творење ги црпам од најблиските, пред се во семејството кое е енергијата за животот што ме движи катаден.

Кога говориме  за поривот за, како што велите „поетски вез на хартија“, ќе кажам дека ја имам за своја книжевната мисла и магијата на зборот од детството, од љубвта кон книгата што во основно образование ми ја всади наставничката по македонски јазик,  Јонка Додевска, што беше иницијална каписла да студирам на Филолошкиот  факултетот „Блаже Конески“, Скопје, катедра за македонска книжевности јужнословенски книжевности, каде учев од најдобрите професори и се облагородив со јазичните и книжевни вредности на уката за нашиот македонски јазик. Поради тоа, не можам да не кажам со жалење дека младите генерации, идните студенти грешат многу што ја “избегнуваат“ оваа катедра-срж’та на своината.

Што вие читате од домашните и странски автори? Проза или поезија?

Поезија од великаните: Конески, П.М.Андревски, Рацин, прозата на Иго, Достоевски ме фасцинира, но и В. Андоновски, како и Ана Јовковска, Наде Стоиљковиќ, Владимир Мартиновски, Ана Ѓолешка, Ѓоко Здравески, Снежана Стојчевска... Читам и белетристика, стилот на Лусинда Рајли ми се допаѓа, особено „Седумте сестри“.

Ваши песни се застапени и во низа престижни компилации. Во кои и што значи тоа за Вас?

Учестував на повеќе национални и меѓународни конкурси и фестивали за поезија, во земјава и соседството. Мои песни се поместени во неколку колективни стихозбирки, меѓу кои особено драги ми се застапеноста на Интернациоанлниот фестивал „Крикот на жената“ 2019, „Поткозјачи литературни средби“ 2019, а во 2020 на Меѓународниот фестивал „Литературни искри“ Гостивар и  многу драго ми е што со поезија за деца се вбројав во реномираната „Стихувалки 2020“ стихозбирка. Многу модерно и неодминливо, постојат повеќе блогови како poezija.mk и krajbrezje.mk каде редовно објавувам стихови, а  би споменала дека творењето за најмладите е посебен момент и горда сум што во 2019 година како текстописец бев дел од детскиот фестивал „Распеано симитче“.

Се читаат ли книги во земјава, посебно  во ова време кога технологијата преку своите продукти наметнува еден друг тренд?

Мислам, како што и погоре споменав, технологиите окупираа голем дел од времето на луѓето, но не можат да го заменат местото на книгата. Книгата е, по мене, наш линк, архаичен, модерен и вонвременски- со минатото, со другите светови, со светот околу нас, со фикциските пространства, со знаењата, фантазиите, со истражувањата и претскажувањата. Така што, книги, да, се читаат, можеби сега во пандемијата, за нијанса повеќе од пред некое време, кога окупираноста со динамиката на живеење и потребата се што ќе се восприеми како информација да биде брзо и лесно достапно, преовладуваа. Се надевам, трендот на читање ќе биде секогаш висок, оти како што знаете, луѓето се разликуваат еден од друг само по едно, а тоа е: дали читаат или не.

Освен пишување имате и низа други улоги...Како општествено одговорна личност се залагате за унапредување на спортот меѓу младите?

Да се биде педагог, тренер, одговорноста е исклучително голема колку што е благородна и убава работата. Во спортот сум ангажирана петнаесетта година по ред, во кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ кој го основаше мојот сопруг, Ведран Белешковски и каде низ годините минаа над 2000 млади од градот, кои покрај вештините на кошарката и успесите, во неколку наврати и државни прваци, учат и животни вештини. Тоа е голем успех сам по себе, што тие млади луѓе денес се успешни креатори на сопствените животи, многумина и членови на младински репрезентации, а дел од нив се и членови на познати Македонски клубови. Она што не прави особено горди, пак, е што играчи од КК Крива Паланка денес се наши репрезенти во светот, меѓу нив и Андреј Јакимовски кој е член на сениорската кошаркарска, А репрезентација на РС Македонија, а игра за Вашингтон стејт Универзитетот во САД, а во женска конкуренција тука е Драгана Петковска,член на македонската женска сенироска репрезентација. Нема поголемо задоволство од тоа да се биде дел од оваа професија, да се работи со млади, со деца и да се гледа како растат и стануваат успешни, пред се личности, па и професионалци, не само спортисти, туку и во разни други професии, од архитекти, лекари, градежнции, поручници во АРМ и др. Она што е значајно е што спортот ги учи на упорност, издржливост, истрајност во намерите, самодоверба, пријателство, тимски дух, позитивна перцепција на животот, ориентираност кон цели и успеси...  И она што веќе трета година по ред го работам во областа на спортот е и програмата спорт за арзвој, со ТАКТ од Скопје поддржана од ГИЗ С.Македонија и е програма за развој на животни вештини преку спорт кај младите, така што, се надевам дека успешно ја исполнувам мисијата да се биде креатор на променатаво заедницата.

Застанавте на чело на хуманитарната фондација „Со срце за Крива Паланка“. Кои се вашите активности, заложби, вашата мисија за подобро и поправедно општество?

Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ е иницијатива на група ентузијасти од градот, луѓе од Крива Паланка, со потекло од Крива Паланка кои  творат и работат овде или во други градови од државата, но како што е насловена самата фондација, со срце се залагаат за подобри услови, можности и перспективи на сите кои овде живеат, на малдите кои се раѓаат тука, на целата заедница. Оттука, јас само ја прифатив улогата на извршна директорка која е само формална, бидејќи се што правиме се прави заеднички, со тимот од управниот одбор, од надзорниот одбор, од поддржувачите и иницијаторите, а сето тоа волонтерски. Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ е секој Кривопаланчанец на кој било меридијан на планетата кој сака, може и умее да се вклучи, да донира или да волонтира за подобра и поубава Крива Паланка, за промоција на родниот град, за поддршка на сограѓаните, за подобро утре за сите.

Спроведени се бројни активности изминатите две години, најмногу насочени кон младите, да ја визуелзиираат својата иднина, успешна и убава, тука, дома, во нашата Крива Паланка и продолжуваме во тој правец. Секој што сака и може, повикувам да се вклучи, со идеи, акции, со примери, со срце за Крива Паланка.

                                                                                                                              Х.Н.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе