петок, 29 март 2024

Христо Петрески е нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Со 69 гласа, за претседател на Собранието на ДПМ е избрана Кристина Николовска, а за Претседателството на ДПМ се избрани: Весна Мојсова-Чепишевска, Васил Тоциновски, Зоран Анчевски, Јулијана Величковска, Славчо Ковилоски, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Александра Јуруковска и Марина Мијаковска.

Новоизбраниот претседател Христо Петрески ќе ја преземе функцијата од Соња Стојменска-Елзесер, која го раководеше ДПМ од 2018 до 2022 година.

Петрески (1957, Крушево) членува во ДПМ од 1985 година. Дипломирал на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје. Основач е и директор на издавачката куќа „Феникс” и на Фондацијата „Македонија презент”.

Во својата изборна програма Петрески наведе дека ќе се залага редовно, еднаш во годината, да се примаат нови и млади членови во Друштвото на писателите, но со почитување на сите правила и критериуми за прием.

Покрај постојните годишни награди, тој предлага да се воведе и награда за драмски дела, која може да го носи името на Горан Стефановски. Предлага дисперзирање на книжевните настани со карвани од писатели низ земјава, промоции, литературни средби, трибини на актуелни теми и активности за популаризација на книгата и читањето.

Петрески ќе се залага за меѓународна соработка со потпишување спогодби со сродни институции, пред сѐ од соседството. Во наредните четири години тој предлага ДПМ да објави шест антологии на современата македонска поезија, проза, критика, есеј, драма и  творештво за деца и млади, а просториите на Друштвото да бидат реновирани и тоа да стане, како што вели, отворено привлечно и работно катче за секојдневни работни средби и разни пригодни настани.

Членовите на ДПМ, како што стои во неговата програма за кандидатура, ќе имаат членски книшки со кои ќе остваруваат право на попуст во театар, кино, железнички превоз, ресторани… На домашна адреса тие ќе го добиваат бесплатно списанието „Стожер“ – единственото гласило на Друштвото на писателите, покрај тоа што ќе им биде достапно и електронски на веб-страницата на ДПМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ