Интервју

Хилдур Кнутсдотир: Секогаш ќе има работа за писателите, само што таа може да биде за различни медиуми

Исландската писателка Хилдур Кнутсдотир само еден ден престојуваше во Скопје, а тоа беше доволно да го промовира преводот на својата книга „Зимски распуст“ на македонски јазик, да оствари средба со повеќе свои читатели, да прошета низ Старата скопска чаршија, но и да одвои време за интервју, кое можете да го прочитате во продолжение.

Хилдур Кнутсдотир (1984) е родена, живее и работи во Рејкјавик, Исланд. Завршила книжевност и креативно пишување на Универзитетот во Исланд, а од својата 18-та година професионално се посветува кон пишувањето, не само како можност да ги изрази своите креативни потенцијали, туку и да даде придонес во зачувувањето на сопствениот, исландски јазик.

Со какви импресии се стекнавте со кратката прошетка низ Скопје и што за вас значи преводот на книгата на македонски јазик, имајќи предвид дека доаѓате од држава со малубројна заедница од областа на културата?

Навистина сум изненадена што мојата книга доби превод на македонски јазик, бидејќи бев свесна дека е дел од исландската култура и не очекував да имам читатели на моите книги тука. Но, правата за превод и издавање на книгата се продадени и во повеќе земји, така што бев поканета и тука да дојдам на промоција на мое издание. Ми се чинеше неверојатна можноста, бидејќи досега не знаев ништо за вашата држава, но сега сум воодушевена од тоа што го видов.

За мали држави како нашите обично се вели дека се „мали култури“, притоа имајќи го предвид фактот што мал број луѓе го зборуваат нашиот јазик. Дали за исландската култура би можеле да кажеме дека е „мала“?

Може да се каже дека е така, бидејќи навистина сме мала нација во мала држава со мал број луѓе што го зборуваат исландскиот јазик. Отсекогаш сме го чувствувале влијанието на европската и на американската култура, бидејќи се наоѓаме на средина помеѓу Европа и Америка, но во последно време се обидуваме да си го пронајдеме „нашиот глас“ и да го промовираме во светот.

Во ера на глобализација и дигитализација за малите култури е навистина тешко да го сочуваат својот глас. На кој начин вие го штитите својот глас?

Исландскиот јазик е класифициран како загрозен јазик со можност за негово исчезнување. Знаеме дека тоа е голем проблем, бидејќи децата во Исланд гледаат цртани филмови или други серии на англиски јазик затоа што сме мала нација и не можеме да напишеме доволно книги или да снимиме доволно емисии на исландски јазик, а тоа да биде самоодржливо.

Но, исландската влада навистина се загрижи за состојбата со јазикот и затоа почнаа да одвојуваат многу повеќе пари за зачувување на јазикот и културата. Исланд има околу 338 илјади жители и ако државата не ги поддржува писателите, тогаш нема ни да има писатели. На пример, јас сум како вработена од државата и мојата работа е да пишувам книги на исландски јазик. На тој начин сакаме да го сочуваме и заштитиме јазикот.

Како лично ја донесе одлуката да се занимаваш со пишување книги?

Отсекогаш сум сакала да читам. Тоа беше моето омилено хоби и сум прочитала многу книги досега. Едноставно ги сакам книгите. Често си помислував дека ќе биде интересно да ги пишувам книгите, не само да ги читам, бидејќи на тој начин ќе можам подлабоко да навлезам во тој драматичен свет. Сонував дека би можела да станам писател и на 18-годишна возраст одлучив да се обидам и почнав многу да пишувам поезија и кратки приказни.

За книгата „Зимски распуст“, која „Паблишер“ ја објави на македонски јазик, книжевната критика вели дека станува збор за „обично семејство кое се наоѓа во необични услови“. Што тоа значи?

Одговорот содржи повеќе слоеви. Од една страна, навистина ги сакам старите приказни со вонземјани. Ми се допаѓаат постапокалиптичните приказни, но никој во Исланд нема напишано нешто на таа тема. Затоа сакав да се обидам да напишам приказна за вонземјани кои го напаѓаат Исланд и да видам што би можело да се случи. Во многу книги обично дознаваме за војни што се воделе во некои други места. Затоа сакав исландските читатели да ги ставам во замислена ситуација што би се случило ако некој го нападне Исланд. Иако во книгата станува збор за напад од вонземјани, сепак метафората се однесува на војна од секаков вид, независно дали ве напаѓаат вонземјани или некои други луѓе.

Кога помислуваме на војна обично мислиме на некои други кутри луѓе на кои таа им се случува, не си замислуваме дека таа ни се случува на нас. Кога читаме весници ќе дознаеме дека, на пример, 3.000 луѓе биле убиени во Сирија, а потоа рамнодушно ќе продолжиме да читаме за некои други настани што се случиле без подлабоко да навлеземе во тоа што сме го прочитале. Затоа сакав да пишувам за обичните луѓе ставени во воени услови или инвазија на вонземјани, за да ја продлабочам метафората за војната.

Имаше ли некоја поконкретна инспирација што ве наведе да напишете приказна за вонземјани?

Во исландската говорна и книжевна традиција има стари приказни за суштества кои јадат деца и слично, но тие не беа мојата инспирација за книгата. Повеќе ме водеше американската идеја за инвазија од вонземјани.

Што според вас значи да се биде писател во 21. век? Се чини дека има помалку читатели на класичните книги, а сѐ повеќе луѓето се вртат кон дигиталните формати.

Голем број издавачи се загрижени дека продажбата на книгите ќе оди надолу, дека ќе нема нови читатели во иднина, но јас не сум многу загрижена за тоа, бидејќи мислам дека луѓето секогаш ќе сакаат да читаат приказни и дека во некаква форма секогаш ќе се раскажуваат нови приказни. Покрај книгите, досега сум пишувала драмски текстови, сценарија за телевизиски серии и за играни филмови, што значи дека има повеќе начини за раскажување приказни. Затоа мислам дека секогаш ќе има работа за писателите, само што таа може да биде за различни медиуми.

Има ли нешто што ве импресионираше за време на кратката посета тука?

Луѓето се многу добри, храната е фантастична. Мислам дека тука ја пробав најубавата супа во целиот мој досегашен живот. Прв пат сум во овој дел од Европа и ќе кажам дека градот многу ми се допадна, а особено Старата турска чаршија. Навистина сум импресионирана од тоа што го видов.

Тони Димков

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе