Фестивал на европската литература

Халдора Тородсен: Со читањето книги комуницираме со други луѓе, а тоа дава смисла на живеењето

Петтото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар (BookStar)“ / „Книжевни ѕвезди“, кој го организира издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, почна на 7 октомври, а првата гостинка која беше претставена на македонската јавност беше писателката Халдора Тородсен од Исланд.

Романот „Двојно стакло“ на Халдора Тородсен ја доби Европската награда за книжевност во 2017 година и тоа е една од главните причини авторката да гостува на Фестивалот на европската литература „Букстар“ во Скопје оваа година.

Тородсен (1950) дипломирала педагогија и уметност во Исланд, а работела како учителка, графички уредник во дневен весник, раководител на ликовна настава во основните училишта и како програмски директор во радио. Подоцна почнала и да пишува во повеќе жанрови, како поезија, така и кратки раскази, микрофикција и романи.

Приказната во романот „Двојно стакло“ го открива животот на една постара жена што живее сама во еден мал стан во Рејкјавик. Смртта полека ѝ се приближува додека таа го набљудува светот низ двојното стакло на прозорецот во својата кујна. Нејзиниот сопруг неодамна починал, бројот на пријатели се намалува, здравјето ѝ се влошува и енергијата и живоста постепено се цедат од нејзиното тело. Сѐ што ја очекува е изолација и смрт. Но одеднаш се случува чудо и нова љубов го раздвижува нејзиното осамено постоење, давајќи ѝ надеж, но и стравови и сомнежи.

Во разговор за МКД.мк, авторката Халдора Тородсен објасни дека романот „Двојно стакло“ го напишала бидејќи тема која отсекогаш ја интересирала е поврзувањето.

„Мислам дека модерното општество ги раздели луѓето во посебни кутии, старите луѓе во едни кутии, децата во други кутии, додека средната генерација е презафатена со обврските на пазарот на трудот, исто така изолирана од своите најблиски. Се изгуби континуитетот меѓу генерациите, бидејќи сите тие се сместени во изолирани кутии. Затоа на светот има многу осамени луѓе. Во Британија дури основаа и Министерство за осаменост, кое се занимава со старите лица, но мислам дека сето тоа е ставено во погрешни рамки. Токму затоа одлучив да напишам книга за стари луѓе кои се заљубуваат за да излезат од осаменоста, бидејќи тоа е единствениот начин да се избега од осаменичкото општество. Во сите весници секојдневно читаме за љубов и секс, а има многу луѓе кои воопшто немаат љубов во својот живот“, објасни Тородсен.

Таа потенцира дека сѐ што не опкружува го ставивме во дигитален концепт, со што виртуелно се поврзавме со светот, но во суштина ја раскинавме поврзаноста меѓу нас.

„Ја изгубивме органската поврзаност со луѓето и затоа мора да најдеме простор кадешто луѓето од различни генерации ќе се сретнуваат, бидејќи историјата треба да биде пренесена од колено на колено. Старите луѓе ја носат историјата во своите тела и мисли и треба да им се овозможи да ја пренесат на помладите генерации. Мојата книга е резултат на чувството дека старите луѓе се обесхрабрени и изолирани. Затоа главната протагонистка во книгата со едната нога стои во едно друго време, кадешто модерноста сѐ уште не ја завршила сегрегацијата во целост“, вели Тородсен.

За процесот на пишување и тематиките во нејзините книги Тородсен вели дека почнала да пишува прилично доцна во својот живот, а целта била да остави порака за следните генерации.

„Сакав да оставам порака, која нема да биде само политичка или социјална, туку ќе има и естетска димензија, бидејќи ја сакам уметноста на раскажување приказни. Преку приказните комуницираме со други луѓе, а тоа дава смисла на живеењето. Со моите приказни, на некој начин, комуницирам со моите блиски пријатели, со сопругот, а со преводот на мојата книга тука и со читателите во Македонија. Читањето книги може да ве пренесе низ времето и просторот. Читањето книги е Интернет, но на друго ниво“.

Таа има свое мислење за индивидуалните права на човекот во современиот свет.

„Тие се на многу ниско ниво. Во глобалниот свет со Интернет и со масовни комуникации секој се обидува да се избори за својот идентитет на лично ниво, но во суштина во таквата комуникација никој од нас нема идентитет. Тоа е многу чудна битка, се бориме за својот идентитет, а сите ние сме на одреден начин осамени. Мислам дека сликата за нас самите можеме да ја пронајдеме само во очите на нашите пријатели. Ние сме како стадо кое својот идентитет го бара во очите на другите луѓе. Нешто слично се случува и со државите кои трагаат по својот идентитет за да стекнат повеќе права во светот, но мислам дека сите сме западнати во криза на идентитетот, а индивидуалните права се спуштени на минимално ниво“, заклучила Тородсен.

Халдора живее и пишува книги во Исланд, земја во средината на Атланскиот океан одделена и од Европа и од Америка, но вели дека не се чувствувала изолирано во таа смисла. Вели дека нејзината држава некогаш била сиромашна, но по откривањето на нафтата и влезот на модерната технологија станале богати. Во однос на инспирацијата за пишување ни откри дека на чуден начин останале запишани стари митови на Исланд, кои се пренесувале од колено на колено уште од пред 1.500 години. Во новото време почнале да пишуваат литература на свој јазик, а голем придонес во тоа дава исландското Министерство за култура, со намера да опстои изворниот исландски јазик.

„Опасноста доаѓа оттаму што кога со странски зборови можете полесно да го објасните значењето на тоа што сакате да го кажете, тогаш нешто не е во ред со вас. Особено ако знаете дека културата која стои позади странските зборови не е ваша. Тоа се случува насекаде низ светот и затоа реков дека сите ние живееме во време на колективна идентитетска криза. Токму затоа велам дека ако не ги читаме книгите што се напишани на нашиот јазик – тогаш стануваме ништо“, потенцира Тородсен.

Европската награда за книжевност во 2017 година за романот „Двојно стакло“ на Халдора Тородсен ѝ отвора можност да посети многу европски држави и да се сретне со бројни читатели на нејзиното дело. Во нашата земја престојува неколку денови, а покрај прошетката низ Скопје особено се радува на посетата на природната реткост – кањонот на Матка.

Под слоганот „Отаде“, петтото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“ трае до 10 октомври 2019 година, а покрај Халдора Тородсен од Исланд гости на фестивалот се уште пет автори: Михал Вивег (Чешка), Кадер Абдолах (Холандија), Евгениј Водолазкин (Русија), Слободан Шнајдер (Хрватска) и Марко Шелиќ Марчело (Србија).

Тони Димков

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе