Ја доделува Европскиот парламент

Филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во трка за наградата „Лукс“

Македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Митевска, по селекцијата во Берлин и успесите на неколку други филмски фестивали, влегува во трка за престижната награда „Лукс“ што ја доделува Европскиот Парламент.

Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, на денешната прес-конференција соопшти дека „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ е номиниран за наградата „Лукс“ заедно со шпанско-францускиот филм „Кралство“ на Родриго Сорогојен  и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер  во данско-норвешко-шведско-белгиска копродукција.

На прес-конференцијата беше истакнато дека „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, кој е снимен во копродукција со Белгија, Словенија, Хрватска и Франција, претставува „моќно филмско дело кое ја раскажува приказната за една жена која е дел од религиозна церемонија каде имаат пристап единствено мажите, чин што значително придонесува за феминистичката борба на оваа жена – најакутното социјално прашање на нашето време, кое е интензивирано на Балканот“.

Агенцијата за филм, пак, соопшти дека ова е првпат во историјата на доделување на наградата „Лукс“ во конкуренција за нејзино освојување да биде и еден македонски филм.

„Радува фактот што македонската кинематографија годинава постигнува максимална видливост од нејзиното постоење до денес. Фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Санденс и Лос Анџелес станаа секојдневен дострел на македонските филмаџии, а одмерувањето со најдобрите филмски автори во Европа и светот веќе дури не не изненадува. Новата стратегија за развој на филмската уметност, за неполни две години даде фантастични резултати. Честитки за селекцијата за наградите ‘Лукс‘ и се надеваме дека континуитетот на афирмација на нашата филмска уметност нема да застане тука“, се вели во соопштението на Агенцијата за филм.

Проекцијата на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ ќе биде на претстојниот филмски фестивал во Венеција.

Идејата на филмската награда „Лукс“ е да се поддржи европската кинематографија и да им се помогне на европските копродукции да бидат видени надвор од националните рамки. Филмовите кандидати за „Лукс“ ќе бидат преведени на 24-те официјални јазици на Европската унија и ќе бидат прикажани во повеќе од 50 градови и фестивали во сите 28 земји членки на ЕУ.

Овогодишните филмски денови „Лукс“ ќе се одржат во соработката со канцелариите на Европскиот парламент и на МЕДИА програмата низ Европа, со цел поголема видливост и промоција.

На есен, новоизбраните членови на Европскиот парламент ќе бидат поканети да гласаат за еден од трите филма што се натпреваруваат. Победникот ќе биде објавен на 27 ноември на формално заседание на Европскиот парламент во Стразбур. Филмот победник, ќе биде дополнително обработен со прилагодување за лицата со оштетен вид и слух и ќе добие поддршка за меѓународно претставување.

Инаку, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ беше селектиран за наградата „Лукс“ во првиот круг, заедно со уште девет европски копродукции, меѓу кои и филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе