Ова беше последно претставување на една серија филателистички материјали со кои го чуваме споменот и на народните херои Васко Карангелески, Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски, велат од Сојузот на филателистите.
За овие седум херои Сојузот изготви седум пригодни плика на кои беа претставени нивните ликови, заедно со симболот од орденот за народен херој. За да бидат аплицирани на пликовите свои дела понудија академските сликари Воскресија Андреевска и Методи Исков, како и неколку компјутерски дизајнери. АД Пошта на Репубика Северна Македонија за секого од нив изготви пригодни печати со денот на неговото раѓање.
Со нив беа поништени марките со мотиви од родното место на херојот, залепени на пликовите. Печатите беа наменети за еднодневна употреба во нивните родни градови и со нив се франкираа сите испратени пратки тој ден.
За пригодниот плик за народниот херој Крсте Црвенковски беше преземено ликовното видување на Василије Поповиќ - Цицо, а целокупниот дизајн е дело на арх. Владо Петков.

Во присуство на почитувачи на неговото дело и на членови на семејството м-р Бојана Спасовска-Кузевска, која одбранила магистерска теза за животниот пат на Крсте Црвенковски, изнесе неколку податоци кои се резултат на нејзината истражувачка дејност. Таа укажа дека во институците во нашата држава се чува богата изворна документација за боречката и политичката дејност на Крсте Црвенковски, извор за нови магистерси и докторски трудови.
Сојузот на филателистите на Македонија најави дека годинава почнува со реализација на својот нов проект „Сто години од раѓањето на тројца народни херои од Македонија, 1922 - 2022“. Планира да ги претстави народните херои Ѓоре Дамески, Вангел Нечевски и Бајрам Шабани.