Филателистите ја посетија министерката за култура

Делегација на Сојузот на филателистите на Македонија денес во Министерствто за култура оствари средба со министерката Ирена Стефоска при што ја запозна со своите активности. На средбата беше претставена историјата на Сојузот, кој постои повеќе од 70 години. Во Сојузот членуваат филателисти кои собираат поштенски марки и придружен филателистички материјал, но и нумизматичари и колекционери на најразлични збирки.

На средбата беше претставен комплетот пригодни пликови што Сојузот ги издаде, со поддршка од Поштата на Република Северна Македонија, во рамки на својот проект „Сто години од раѓањето на седум народни херои, 1921 - 2021“. Петмина од нив го положиле својот живот во Народно-ослободителната борба и револуција на свои неполни дваесет и пет  години:  Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски. За народни херои се прогласени и Васко Карангелески и Крсте Црвенковски.

Цел на проектот е преку посебен филателистички материјал да се предаде споменот на нивното дело во наследство за следните генерации. За секого од нив Сојузот издаде пригоден плик на кој е отпечатен ликот на херојот, придружен со соодветни филателистички податоци.

Во соработка со  АД Пошта на Северна Македонија, овие пликови се украсени со македонски поштенски марки со слики од родното место на херојот или со други соодветни мотиви. Марките се поништени со пригодни поштенски печати кои беа во еднодневна употреба во нивните родни места. Беше најавено дека во 2022 година Сојузот на ист начин ќе ја одбележи стогодишнината од раѓањето на тројца народни херои: Ѓоре Дамески, Вангел Нечевски и Бајрам Шабани.

Министерката Стефоска ја подвлече важноста на овие проекти. Министерството од своја страна ќе се заложи културните институции да бидат вклучени во промоциите на идните активности на Сојузот на филателистите на Македонија.

 

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе