Критичка култура

Фестивалот „Крик“ ја раскринка демократизацијата донесена со социјалните медиуми

Првите два дена на второто издание на КРИК - фестивалот за критичка култура, во Музејот на современа уметност, поминаа во знакот на светски познатиот уметнички колектив „Что делат“ од Русија, кои ја презентираа својата работа, а Оксана Тимофеева, една од членовите, одржа воведно предавање, и на меѓународната расправа „Расфрлани дијалози – критичарско промислување на критиката“, со учество на уредници на медиуми од културата и критичари од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија.

Фестивалот „Крик“ го отвори министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој на 14 декември рече дека темата на фестивалот „Постојано во транзиција, заробеност во скршените огледала“ е одлично погодена, затоа што токму тоа се главните предизвици со кои сега се соочуваме како општество.

„Од една страна да излеземе од транзицијата, да ѝ ставиме крај, тоа се и политичките цели на новата влада и на сите нас кои учествувавме во таа опозициска и шарена револуција што ги донесе промените во Македонија. А од друга страна, спасот или излезот од заробениот став оти е огледала кои постојано ни се повторуваат, ќе биде најтешката задача, значи конечно да тргнеме и да ги конструираме и општествените и културните и уметничките текови, пред сѐ, политичките и економските на поинаков начин, а не така што постојано ќе ги повторуваме коруптивно-клиентелистичките практики, без разлика кој ќе дојде на власт, односно некогаш општествените инерции се посилни од општествените структури кои доаѓаат на позицијата на моќ. Ми се чини дека тоа е клучниот момент којшто сега ние го чекориме и токму затоа и понатаму е потребен и притисокот и отвореноста и критичноста на јавноста.“

Тој рече дека потребата е да се базира критичкиот дискурс врз посериозни тексови, анализи, аргументи. „А за жал, плакатниот пристап, пристапот на социјалните медиуми ја дефинира оваа јавност, кои боледуваат од она што ги каректеризира современите социјални медиуми, а тоа е површноста, имањето попрво став, кој најчесто е предрасуда или е неаргументирано мислење, или е допрен глас, отколку што е информација и потоа интерпретација на таа информација.

Една од политиките на Министерството за култура ќе биде јакнење на критичката мисла. Многу е битно ова за кое се залага КРИК, како култура, сериозна издржана и темелна критичка мисла да има каде да се објави. Има потреба да ги поддржиме луѓето што сакаат да бидат критички мислители, а и повторно да ги обновиме просторите за развој на критичката мисла, што понатаму ќе биде база за евалуација, дефинирање на критериумите и целите на културните политики“, рече министерот Алаѓозовски.

Искра Гешоска, претседателка на „Контрапункт“, истакна дека КРИК фестивалот и во своето второ издание продолжува да ги истражува односите на проникнувањето на културата, уметноста, политиката и политичкото. Низ темата на фестивалот „Постојано во транзиција, заробеност во скршените огледала“, Гешоска рече дека се проблематизираат различните наличја на побуната во уметноста.

Публиката во МСУ можеше да се запознае со работата на уметничкиот колектив „Что делат“ (Што да се прави) низ видео и разговор за нивните дела. Името на колективот се поврзува со првата организација на социјалистичкиот работник во Русија, која Ленин ја актуализира во сопствената публикација: „Што да се прави?“ (1902).

Меѓународната расправа „Расфрлани дијалози – критичарско промислување на критиката“, со учество на уредници на медиуми од култрата и критичари од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија се одржа на 15 декември во Музејот на современа уметност во Скопје.

„Прашањето на критиката е едно од клучните во Македонија, затоа што во книжевноста, на пример, областа од каде што доаѓам, се чини дека во последниве неколку години, ако не и деценија, постои хиперпродукција на книжевни дела. Има сè поголемо производство на културни производи, а има сè помал број луѓе што ќе ги слушнат или видат. Масовните медиуми драматично го демократизираа гласот на оној кој може да биде критичар или посредник меѓу делото и публиката. Во медиумите доминира маркентиншки посредувана содржина“, рече Владимир Јанковски, писател и модератор на дебатата.

Според него, на социјалните мрежи, пак во отсуство на таа релевантна критика која ќе валоризира, го освојуват просторот оние коишто се најгласни или кои најдобро медимуски можат да се менаџираат себе си и квантитетот станува мерка за квалитет. Така, рецепцијата на некое дело и влијанието на одредени автори во општеството се мери со количеството на „лајкови“ или „шерови“ и коментари што може да ги собере, на тој начин создавајќи привид на јавност.

„Втор проблем е што во Македонија ја негуваме културата на страшливост, која поради малата средина и нејзиниот провинциски карактер ја сведе културата на кулоарска, култура на орално пренесување, култура на озборување, па така многу почесто наместо релевантно да се пишува или зборува со име и презиме се практикува таа кулоарска култура која ја замени вистинската култура која, како што вели Искра Гешоска, треба да биде ’поле на храброст и борба за идеи‘ и нешто што целиот општествен конекст ќе го движи напред“, рече Јанковски.

Антонија Летиниќ говореше за искуството на создавање на двата влијателни портали во Хрватска „Културпункт“ и „Букса“, кои се занимаваат со културно уметнички пракси, современите визуелни и изведувачки експериментални и музички пракси биле создадени со помош на европските фондови.

Професорот Небојша Вилиќ говореше за потребата од критика. Според него демократизацијата што ја донесоа социјалните медиуми, прашањето на критиката го доведоа до бесмисла. „Мноштвото гласови произведе шум. Општествената функција на критиката е постојаното и непрекинато промислување и критикување на промените во општеството. Таа не е само однос меѓу уметничкото дело и критичарот и оние што го восприемаат делото, туку критиката како присуство, во нејзината севкупност е една клучна компонента. За жал, кај нас се случи културните кругови да не успеат да ја остварат таа функција на критиката, па оттука општеството да се смени, туку обратно, мора прво општеството да го смениме, за да функционира критиката.

Мислам дека критичноста се воспостави во Македонија, без оглед дали се работи за политичка партија, фестивал или нешто друго, што дополнително нам ни дава одговорност да заграбиме подлабоко во нашите критички осврти, при што, враќајќи му се на системот, да се воспостави вредност, бидејќи ако критиката не произведе вредност, односно вреднување, тогаш се губи нејзината функција. Тоа е она што социјалните мрежи, во името на демократијата, го испуштија. Слободата на говор е првиот аргумент на социјалните мрежи, но таму секој си гради сопствен систем и оттаму произлегува шумот на фејсбук, оттаму хејтерството и меѓусебното неразбирање. Правила нема, но мора да има стандарди“, рече Вилиќ.

Весна Милосављевиќ, главна уредничка на порталот за култура на југоисточна Европа, SEEcult од Белград, рече дека порталот работи проекти со кој овозможува медиумски простор за критиката во визуелната и другите уметности.

„Заради маркетинг-пристапот кон културата, кој е сѐ повеќе застапен во медиумите, мислам дека е важно да постои простор за стручен став на критичарите за она што се продуцира во уметноста и можност да ја стават во историски или современ контекст. За мене е проблематична таа демократичност на социјалните медиуми. Еве на пример, Србија е помеѓу шест земји од светот кои се експериментални заморчиња, така, кај нас на фејсбук, во news feed сега може да го видите само она што го ’лајкувале‘ и ’шерувале‘ вашите пријатели и спонзорираните страници.

Па, сега имаме ситуација непрофитните, критички медиуми кои во Србија се малку и се на работ на опстанок, веќе да немаат никаква видливост. За 300 или 400 пати ни се намали досегот до кој можат да стигнат нашите објави. Ние немаме пари да ги спонзорираме нашите постови, според тоа, за каква демократичност зборуваме, социјалните мрежи воопшто не се социјални. И како што неодамна напиша уредничка на ’Гардијан‘, веќе не постои уредништвото, алгоритмите на Гугл и Фејсбук ја креираат јавноста, не само кај нас, туку и во светот. А кај нас тоа е уште поопасно зашто медиумите се приватизирани, таблоизирани, а професионализмот исчезнува. Затоа мислам дека социјалните мрежи не можат да ја преземат улогата на медиумите, а коментарите на фејсбук не можат да бидат замена за критика и уметничка валоризација. Социјалните мрежи создаваат само привид за информација и критика“, рече Милосављевиќ.

„Музичката критика е единствената што преживува во мејнстрим медиумите во Хрватска“, рече Лујо Парежанин. Таа ги задржила своите авторитети, кои според едни го имаат водечкиот збор кога се работи за вреднувањето на музиката, а според други, тероризираат со своите ставови за музиката веќе со децении.

„Кога ќе погледнеме што стои наспроти таа демократизирана маса на говор за музиката, она што преживува како стручно, професионално и наводно според највисоки стандарди, ќе видиме дека токму таа критика е онаа што е најзатворена, најзакостена, дури и методолошки најмалку обучена и најслабо располага со стручно знаење за музиката, музиколошки и теоретски. И тој мачо професионален состав во споредба со шумот на маргиналните, најмалку зборува за актуелните трендови во современата музика, жанровски е многу ограничен, ја третира речиси исклучиво рок-музиката, пишува на импресионистички начин, стар 50 или 60 години. А она што кај нас се случува, на пример, на блоговите е најрелевантен, најинтересен, проширен и отворен начин постојано се одговара на прашањето што е критика на современата музичко дело. Се прошируваат знаењата за музиката и тоа говори во прилог на алетнативните медиуми“, рече Парежанин.

Лара Плавчак говореше за ситуацијата со критиката во Словенија, презентирајќи резултати од неодамнешно истражување на Маја Брезник за критиката на визуелните уметности. Се покажало дека во осумдесеттите години постоеле редовни критички осврти во медиумите, како и статии за уметничкиот пат, изложбите и критички суд. Во денешно време, се зголемил просторот за култура, но објавите се сведуваат на пи-ар текстови, изјави од уметниците, а редовните критички осврти се заменети со новинарски прилози. Критиката може да се види само во каталозите и стручните списанија.

Лука Остојиќ од порталот „Букса“ што ја третира современата книжевна продукција, рече дека нивната публика не е огромна но за 10 години, колку што постои порталот, тие успеале да создадат круг на читатели кои редовно и активно ги следат.

Миха Келемина од Словенија говореше за положбата на кураторите и критичарите. „Младите автори кои работат многу различни изложби избегнуваат да ги објавуваат своите ставови зашто тоа им ги затвора вратите за натамошна работа“, рече тој.

Иницијатор на меѓународната расправа е регионалната партнерска платформа која се одвива под името „Светот околу нас - критичките ставови во регионот“ и се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.

На последната вечер на програмата на фестивалот КРИК учествува една од најистакнатите теоретичарки на уметноста, професорката Сузана Милевска со предавање на тема „Ефект на пеперутката: од ветувањето на институционалната критика до потенцијалите на активистичката уметност“.

„Контрапункт“ и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од Фондација отворено општество – Македонија, Гете-институт Скопје, Фондацијата Култура нова од Хрватска, Фармахем и Министерство за култура на Република Македонија. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк. Постојани стратешки партнери на „Контрапункт“ и на КРИК се: МаМа од Загреб и куда.орг од Нови Сад.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”. 

повеќе