Џез и поезија вечерва во МКЦ на отворањето на Скопскиот поетски фестивал

Скопската публика вечерва ќе може да ужива во поезија и џез на официјалното отворање на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал", што ќе се одржи во киното „Фросина" во Младинскиот културен центар.

Се работи за тематско поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија" на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од Летечки пекинезери ќе настапат Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и младата Марија Велинова.

Велинова синоќа беше избрана од тринаесетмината млади поети на возраст од 16 до 25 години што читаа на настанот „Отскочна даска" во кафе-книжарницата „Буква".

Во „Буква" беше отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било", што посетителите ќе можат да ја видат за времетраењето на фестивалот, односно, до 1 септември.

Фестивалот, како што соопшти организаторот, ќе продолжи и следните два дена. Утре, во Младинскиот културен центар (кино „Фросина"), со почеток во 19 часот, ќе се одржи интернационалната поетска вечер на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

На 1 септември во кафе-книжарницата „Буква" со почеток во 18 часот, на темата „Урбана поезија" ќе се одржи работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата.

На истата локација од 21 часот ќе се одржи „Стиховно мапирање на Скопје" ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Дизајнот на официјалниот постер за второто издание на „Скопскиот поетски фестивал" е дело на Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква" и винарница „Стоби". Медиумски покровител е „Нова Македонија", а „Култура бета" е медиумски партнер.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе