Државата посиромашна за два културни споменици

Државата ниту дозволува ниту сама се залага за реконструкција на автентичните спомен-куќи

Автентичните бисери на старата македонска архитектура го губат својот сјај, и не само тоа, од година во година ги снемува. Надлежните без конкретни одговори кога ќе се преземе вистинска грижа за културното наследство!

Што ѝ должи државата на старата велешка архитектура? Одговорот на ова прашање е повеќе од едноставен. Во најмала рака, елементарна грижа за автентичните градби од 19. век по кои е препознатлив овој регион од земјата.

Но, во пракса, се чини како да треба да се случи нешто од екстремни размери за да надлежните излезат на терен и следствено на тоа да потегнат некакви иницијативи за унапредување на добрата за кои со закон се задолжени да се грижат.

Пожарот во комплексот „Варналиите“ во Велес пред десетина дена однесе еден човечки живот. Сопственикот на заштитената со закон, како национално културно богатство, куќа 80-годишниот Миле Паунов го загуби животот.

Државата е посиромашна и за еден споменик на културата, а уште еден е целосно оштетен. Имено станува збор за куќата лепенка до изгорената, домот на 37-годишниот Бојан Манев и неговата 68-годишна мајка Љубица кои сега, останати без ништо, живеат кај роднини, со помошта на сограѓаните.

„Куќата ни е наследство од нашиот татко. Стара е повеќе од 150 години. Од куќа со површина од 300 метри квадратни буквално за два часа останавме без ништо. Нашиот дом, бидејќи е лепенка до куќата која изгоре, е целосно нефункционален, останати се само скалите и две плочи, нема пристап до неа..“, раскажува сопственикот Бојан Манев кој вели дека во 1984. година неговиот татко од темел до кров самостојно ја реставрирал куќата.

Оттогаш, со години и децении, државата не наоѓа време и финансии да го „потстегне“ овој објект, но и другите по кој е препознатлив Велес.  

„Со години праќав барања до надлежните институции да ми дозволат да ги променам плочите со цел поголема безбедност, но не добивав никакви одговори“, раскажува Манев кој се прашува дали е потребно да се случи нешто вакво како последниот пожар за да надлежните излезат на терен и повторно пак сѐ да се сведе на ветувања.

„Да, факт е дека ги обновија фасадите и толку. По пожарот ни беше доделена помош од локалната самоуправа на Велес во висина од 60.000 денари, но сепак сами сме немоќни да реагираме да ги спасиме нашите куќи со кои се гордее земјата. Ни останува да седиме и чекаме. Тука се снимаа спотовите за убавините на Македонија во режија на Милчо Манчевски“, раскажува Манев.

„Состојбата на куќите многу е лоша, градбите се пред распаѓање, а сопствениците немаат пари сами да инвестираат додека државата и покрај тоа што се заштитени со закон и прогласени за споменици на културата во 1964. година до сега не им дала ниту денар. Само пред десеттина години Општина Велес обезбеди финансиски средства за реконструкција на фасадите, а државата ги санираше покривите на куќите и толку“, раскажуваат жителите на Велес.

За првиот човек на општина Велес Аце Коцевски спорна е законската регулатива со која се опфатени овие споменици на културата.

„ Мојот став е дека имаме несоодветна законска регулатива. На времето со решение од државата имало прогласено околу триесетина споменици на културата, но поради различни околности останати се мал број. Разбирливо е што на сопствениците, иако сопственоста е загарантирана со Устав, не им се дозволува сами да интервенираат за да се зачува автентичноста, но од друга страна државата нема изнајдено механизми и финансиски средства за да се подобри квалитетот на живот на овие граѓани и да се спречи потенцијалната опасност од безбедносни причини, но и да се зачува ова богатство“, вели Коцевски за МКД.мк.

Коцевски рече дека, по пожарот, на терен излегле претставници од Управата за заштита на културното наследство по што заеднички разговарале за изработка на техничка документација за комплетна реставрација на куќите во Велес. Следно кон што треба да се пристапи е изнаоѓање на финансии за истото, процес кој би можел да трае со години.

„Ние како општина не сме моќни, но континуирано разговараме за законската регулатива, односно од зборови да се премине кон дела“, вели Коцевски.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов токму од „Варналиите“ шест дена по пожарот даде ветување дека ќе се издаде наредба на Националниот завод за конзервација веднаш да излезе на терен, да процени штета и да изготви проект кој ќе го достави до Министерството за култура за да влезат во програмата за 2020. година.

Од Националната Установа „Национален Конзерваторски Центар – Скопје“ велат дека досега немаат добиено наредба за да излезат на терен, а кога ќе добијат веднаш ќе реагираат.

Во 2012. година во велешката месност „Дворови“ изгоре и куќата на Габерови, која исто така, беше споменик на културата и заштитена од државата. Досега, таа не е реконструирана.  

Велес, Битола, Штип, Охрид, Кратово се само дел од македонските градови кои може да се пофалат со богато архитектонско наследство, но жал од година во година истото се губи поради немањето на план и стратегија од страна на надлежните и пред сѐ волја, и се повеќе се чини дека тоа е на сметка на новоизградените „лажни“ стари згради кои никнуваат на секој метар.  

Х.С.

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе