Осврт

Друга состојба на свеста

Кон „Медена земја“ (Honeyland, 2019, 87 мин.) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, сниматели - Фејми Даут и Самир Љума, продуцент и монтажер - Атанас Георгиев. Документарецот „Медена земја“ е филмско остварување кое вознесува, замислува, растажува, но и открива драгоцена вистина дека на планетата Земја, сепак, опстојуваат луѓе со друга состојба на свеста.

Веќе со првите кадри на „Медена земја“ гледачот навлегува во територија која не му е позната, која делува круто, пусто, сурово. Насловот „Медена земја“ на почетокот делува како иронија на реалната состојба на теренот. Впечатоците почнуваат да омекнуваат со постепеното откривање на личноста на Атиџе, главната протагонистка во документарецот, храбра и благородна жена која својата егзистенција ја обезбедува на начин на кој ретко кој би се осудил. Таа собира мед од диви пчели и го продава на зелените пазари во Скопје.

Нејзиниот основен принцип на егзистенција е пола од медот за неа, а пола за пчелите. На тој начин живее во совршен баланс со природата, станува дел од пчелните семејства, им пее, комуницира со нив и нема потреба да се плаши дека ќе биде повредена. Дури и се однесува како пчела кон својата матица, нејзината полуслепа и неподвижна мајка, која зависи од храната што ќе ја обезбеди Атиџе.

Првиот чекор на авторскиот тим кон создавање фантастично документарно остварување е што сфаќаат дека пред себе имаат вистинско богатство. Приказната на Атиџе е реткост со планетарни размери. По нејзиното откривање успеале да стекнат бескрајна доверба кај протагонистката, која била преуслов да се почне со снимањето. Потоа настаните се одвивале сами по себе.

Круцијален момент, особено важен при снимањето документарни филмови, е што филмската екипа, со целиот цивилизациски багаж што го носи со себе (непознати луѓе, камери, батерии, мобилни телефони, џипови) останала „невидлива“ за протагонистите во филмот, а подоцна и за публиката која го гледа финалниот продукт. Животот на Атиџе, нејзиниот однос кон мајка си, кон пчелите, но и кон номадското сточарско семејство кое доаѓа, живее во нејзината близина и заминува, се снимени природно и верно. Режисерскиот тандем Љубо Стефанов и Тамара Котевска успева да ги извлече најбитните карактеристики и принципи на ликот, без притоа да влијае на приказната.

Особено импонира снимателскиот дел од работата, каде покрај храброста, снимателите Фејми Даут и Самир Љума покажуваат извонредни способности во кадрирањето на протагонистите, инстинктивното следење на ситуациите што се случуваат пред камерата и со фантастичната пејсажна фотографија.

Пред прикажувањето на филмот авторската екипа соопшти дека снимањето траело три години и биле снимени околу 400 часови материјал. За филмско остварување од 87 минути тоа е премногу материјал. Токму затоа монтажата имала огромна функција во создавањето на филмот.

Многу е битно што во процесот на монтажата дејството се гради на најтрадиционален начин без претензии да се измислува „нешто ново и невидено“. Со класичен и визуелно ефективен вовед, приказната има заплет, кулминација/конфликт (доаѓањето на номадското семејство), расплет и епилог положени во четири годишни времиња, како симболика на еден животен циклус.

Полскиот документарист и кинематографер Војцех Старон на една од работилниците на минатогодишниот „МакеДокс“ рече дека „во играните филмови од фиктивни ситуации се обидуваме да создадеме реалност, но гледачите ретко веруваат во неа. Во документарните филмови реалноста ја добиваме бесплатно“. Реалноста во „Медена земја“ зрачи на сите страни, природно, емотивно и искрено.

Токму затоа со неверојатна леснотија ја прифаќаме Атиџе, се соживуваме со нејзината приказна, сочувствуваме со природниот тек на работите, стануваме свесни за негативното влијание што човекот може да го има врз природните процеси, нѐ вознемирува помислата што современото општество нѐ ставило во ситуација егзистенцијалниот грч и немир на преживувањето да ги струполиме врз природата. Другата состојба на свеста е прифаќањето на природната состојба на нештата и реагирањето кога нешто се случува наспроти природните законитости.

Во ситуација кога огромен процент од човековата популација е фатена во канџите на неолиберализмот и нејзиното егзистирање се сведува на „економско ропство“ во текот на целиот живот, само друга состојба на свеста може да го промени погледот кон светот. Затоа во карактерот на Атиџе можеме да препознаеме бунтовник кој скромно и искрено се спротиставува на економските, а ги почитува и поддржува природните текови на мислата и на животот. Земјата навистина може да биде медена само ако поголем број луѓе почнат да ги споделуваат светогледите на Атиџе (во филмот тоа се децата од номадското семејство). Во спротивно човештвото нарушувајќи ја рамнотежата во природата ќе се стреми кон сопственото уништување.

Документарниот филм „Медена земја“ има јасна и недвосмислена порака, одлична визуелизација, течна нарација, филмска структура со ритам кој опфатил сѐ што е потребно приказната да легне во срцето на гледачите, но и да ги разбранува мислите во опсег од тага до гордост. Ако капне некоја солза, тогаш би требало да бидеме среќни, бидејќи филмот успеал да разбуди друга состојба на свеста во нас самите.

Светската премиера на „Медена земја“ се одржа на 28 јануари 2019 година во рамки офоцијалната програма на 38. издание на филмскиот фестивал „Санденс“ во Парк Сити, Јута, САД. Македонскиот документарец на фестивалот ја доби Големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградата за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). „Медена земја“ го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Официјалната македонска премиера ќе се одржи на 10-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во август 2019 година, додека на 12 и 13 март филмот имаше три затворени проекции во киното „Милениум“.

Во меѓувреме секој може да се вклучи во донаторската кампања на „Медена земја“.

Продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

Документарецот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, и е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм.

Тони Димков

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе