Од утре

Четврто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје на тема „Солидарност“

Утре (20 октомври), започнува четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје што првпат во целост ќе се одржува онлајн. Темата на годинешното издание е Солидарност, а како и секогаш, фестивалската програма е бесплатна и отворена за сите заинтересирани гледачи.

Со интересни документарци, меѓу кои и една светска премиера, и ексклузивни гости од медиумската сфера, ИФФС во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, овој пат нуди дури шест фестивалски дена, од 20 до 25 октомври.

Фестивалот го отвора дискусија за Новинарството во време на пандемија, при што искуства и ставови ќе пренесе директорката на Европската федерација на новинари, Ренате Шродер, и основачката на Коалицијата за жени во новинарството, Киран Назиш. На оваа тема од перспектива на македонската медиумска сцена на 21.10. ќе зборуваат Христина Беловска и Дарко Дуридански, додека пак на 24.10. ќе се диксутира за соработката на новинарите и граѓанското општество во земјава.

Во рамки на темата за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, во периодот кога се одбележува тригодишнината од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, на ИФФС гостува нејзиниот син, Метју Каруана Галиција кој ќе зборува за борбата за правда во сè уште нерасветлениот случај.

„Конструктивното известување насочено кон решенија е клучен сегмент од современото новинарство, а како тоа може да се искомбинираа со техниките за мобилно новинарство ќе покаже гостинот од Би-би-си, Дугал Шо (21.10., 12 часот). Претставници од Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида, ќе зборуваат за научно изведени заклучоци што откриваат за што се грижат луѓето при изборот на информации, а ќе одржат и работилница каде заинтересираните новинари ќе ги усвојат клучните начела за создавање ефектни приказни“, најавуваат организаторите.

На 25.10. во 12 часот е закажан разговорот со наградуваната новинарка Миа Малан, основачка на јужноафриканскиот медиум Бекисиса, светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата со КОВИД-19.

ИФФС и годинава нуди богата филмска програма, вклучувајќи ја и светската премиера на „Човекот кој премногу знаеше“. Автор е британскиот независен документарист Мајкл Освалд, кој гостуваше и на првото фестивалско издание, а на 25 октомври ќе покаже Како се прави филм без буџет.

Секој од филмовите, кои ја отсликуваат моменталната состојба во светот и фестивалската тема Солидарност, гледачите од Македонија ќе може да ги гледаат онлајн, за времетраењето на целиот фестивал, 20-25 октомври. Исклучок е прикажувањето на „Социјална дилема“, актуелниот документарец од Нетфликс, кој со македонски превод ќе се прикажува за затворање на фестивалот, на 25 октомври во 20 часот. Останатите остварувања што може да се погледнат on demand во текот на шесте фестивалски дена се: „Коронација“ на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е снимен „од дистанца“, користејќи материјали од жителите на Вухан; „Пештерата“, документарец номиниран за Оскар кој ја портретира отпорноста и женската солидарност; документарната истрага „Криминал од солидарност“; „Амазонија: Будењето на Флорестанија“ за еколошките проблеми и конзумеризмот; „Солидарност“ за работничките права; „Моја драга самопослуго“ и „Запознајте ги цензорите“.

Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје и канцеларијата на УНХЦР – Скопје. ИФФС е меѓународен фестивал и дел од настаните се на англиски јазик.

 

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

повеќе

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе