Изложба во МСУ

Британско-македонски женски дијалог за перцепциите на родовата еднаквост

Дијалог на различни политички, социјални и економски контексти е остварен преку дела на женски уметници од Велика Британија и Македонија во рамките на изложбата „Родови перцепции“, која од 12 јуни е поставена во Музејот на современата уметност во Скопје како резултат на соработката со Британски совет.

Изложбата „Родови перцепции / Perceptions: Engendered“ во Скопје е резултат на соработката помеѓу Британскиот совет и Музејот на современата уметност - Скопје, како дел од регионалниот уметнички проект „Перцепции“. Тој е веќе вреднуван од страна на музејската експертска јавност и следниов септември ќе биде претставен во Кјото, Јапонија, на една од најпрестижните музејски конференции во светот, пред Меѓународниот совет на музеите (ICOM).

Проектот претставува соработка помеѓу пет куратори од Западен Балкан кои организираа пет изложби во чии рамки се презентираат 24 дела од 14 познати британски уметници од колекцијата на Британскиот совет во Лондон. Овие дела кураторите ги избраа во меѓусебна соработка започнувајќи дијалог со локалните уметнички контексти. На тој начин „Перцепции“ прерасна во женски уметнички простор во кој се испреплетуваат различни културни, политички и теоретски контексти во рамки на геополитиката на Западниот Балкан - почнувајќи од Цетиње, преку Нови Сад, Приштина и Бања Лука, за конечно проектот да се претстави и во Скопје.

На отворањето на изложбата во Скопје беше присутна Никола Хелд, раководителка на збирката со уметнички дела од одделот за визуелни уметности на Британскиот совет во Лондон.

„Создавањето на колекцијата со уметнички дела на Британски совет почнало во 1938 година и досега се собрани повеќе од девет илјади дела изработени во различни техники. Целта на создавањето на збирката била да се отвори можност за претставување на делата на британските уметници низ целиот свет. Тоа што е важно во однос на изложбата ’Перцепции‘ е што 25 проценти од делата во збирката се на женски уметници“.

Проектот „Перцепции“ почнал со отворен повик на кој се пријавиле пет музеи од регионот по што пет куратори во февруари 2018 година заминале во Лондон, каде ги избрале делата од колекцијата на Британски совет кои би можеле да ги поврзат до делата на женски уметници од колекциите во матичните музеи. Проектот вклучува и посебен сегмент кој е фокусиран кон новите практики на анимирање публика.

Првата изложба се случила минатата година во Цетиње, а скопската е последна од низата на пет изложби во регионот. Директорката на Британски совет Македонија, Елеонора Запрова, објасни зошто како партнер во проектот е вклучен Музејот на современата уметност во Скопје.

„Од 2012 година, кога ја организиравме изложбата ’Трагови‘, а потоа и со изложбата на дела од Хенри Мур, до актуелниот регионален проект ’Перцепции‘ со Музејот на современата уметност во Скопје имавме 4 соработки и така ќе продолжиме и понатаму, бидејќи овој музеј ги има сите стандарди за организирање на изложби. Разликата со претходните изложби и новиот проект е што тоа беа проекти курирани во Велика Британија, а презентирани во нашиот регион. Со проектот ’Перцепции‘ се отвори можност за дијалог на уметнички дела од Британија со делата на женски уметници од регионот на актуелна тема за родовата еднаквост. Силата на проектот е што пет куратори од регионот заеднички размислуваа како да ја спојат британската уметност со делата од матичните држави.“

Поставката во Скопје го затвора изложбениот циклус со презентација на 39 современи уметнички дела од 25 уметнички, концептуализирани во три простори: „Погледи“, кој опфаќа дела што се опсервации на фактичките состојби во однос на родот и родовото читање на сегашноста, минатото или иднината, „Репрезентации“, кадешто авторките влегуваат во политички дијалог со читањето на родот, и третиот простор „Репрезентации“, каде на одреден начин се прави поништување на репрезентациите на родовите и се нуди нова парадигма во позиционирањето на родовите идентитети.

„Изложбата ја возобновува женската форма и женското гледање како начин на промена на патријархалниот дискурс не само во актуелните трендови, туку и во историјата на уметноста“, нагласува кураторката Кумјана Новакова.

Од македонска страна во дијалогот, кој низ ликовниот јазик се одвива во рамките на изложбата „Родови перцепции“, во Музејот на современата уметност во Скопје се вклучени 15 дела од 11 авторки. Застапените уметнички креираат „женска форма“ која го прекинува повторувањето и одржувањето на постоечката родова хиерархија преку нови методи на размислување и визуелизации за (родовата) репрезентација.

Уметничките чии дела се претставени во Скопје се Абигејл Лејн, Моника Мотеска, Камила Лоу, Евгенија Демниевска, Анета Светиева, Мадам Јевонд, Мирна Арсовска, Силија Хемптон, Лаура Олдриџ, Хелен Чедвик, Елизабет Прајс, Сара Лукас, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Антеа Хамилтон, Трејси Емин, Клер Стренд, Џилијан Веринг, Верица Ковачевска, Љупка Делева, Рејчел Вајтрид, Христина Иваноска, Ана Темкова, Виолета Чаповска и Лубаина Химид.

Битно е да се нагласи фактот што меѓу британските авторки има неколку добитнички на престижната Тарнерова награда, а меѓу македонските авторки има и претставнички на Уметничкото биенале во Венеција. Авторките се на различна возраст, се изразуваат во различни техники, некои живееле во друго време, но за дијалогот е битен нивниот однос кон прашањата кои ја допираат темата на родовата еднаквост.

Меѓу вредностите што изложбата „Родови перцепции“ ги носи на прво место се издигнува квалитетот на селектираните дела и авторки, потоа се надоврзува инвентивниот пристап низ дијалог на уметнички дела да се интерпретираат состојби кои се однесуваат на родовата еднаквост, а на крајот сето тоа на публиката ѝ се презентира на едноставен и лесно разбирлив начин, што е крајна цел на проектот, да оствари комуникација со различни слоеви публика.

Куратори на изложбата се Кумјана Новакова и Благоја Варошанец, соработник на проектот е Тихомир Топузовски, концептот на едукативната програма е на Бојана Јанева Шемова, визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев и Илиана Петрушевска, а дизајнот на изложбата е на Јован Ивановски. Поддршка во процесот на истражувањето имало и од Марика Бочварова Плавевска и Зоран Петровски, а комуникацијата со медиумите е на Анжелика Апсис.

Изложбата „Родови перцепции“ во Музејот на современата уметност – Скопје беше отворена на 12 јуни и ќе може да се посети до 12 август 2019 година. Кураторката Кумјана Новакова најави дека на 15 јуни ќе има водење низ изложбата од страна на Христина Иваноска, една од македонските учеснички со две дела во проектот.

Тони Димков

Фотографии: Британски совет

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе

Охрид, најголемиот и најпосетен туристички центар во Македонија, балканскиот Ерусалим и европскиот бисер, се менува со брзина на светлината.

повеќе