Интервју

Благој Ламњов: До последната дестинација нема чартер-лет, туку долга и трнлива калдрма

Кларинетистот Благој Ламњов, речиси, со ништо не се разликува од обичните луѓе. Но, неговата главна карактеристика што го прави необичен човек е што знае својот талент да го насочи во вистинскиот правец.

Првиот опиплив резултат на неговиот неспорен музички талент е албумот „Носталгична љубов“ објавен во Шведска, каде Благој Ламњов живее подолго време. Албумот носи англиски наслов „Nostalgic Love“ со намера полесно да допре до поширок музички пазар. Содржи десет нумери, од кои четири се директно инспирирани од македонската ризница на изворни песни.

Композициите имаат одлични аранжмани, снимени се во „Гула студио“ во Малме, Шведска, комплетниот звук е на Давид Карлсон, а продукцијата на Благој Ламњов. Во снимањето на албумот учествувале шведски студиски музичари, додека со глас се појавуваат и Александар Сашко Кукулев и Благој Ламњов. Албумот содржи звучна панорама од македонски фолклорни мотиви до извонредни џез-композиции.

Во последно време Ламњов често доаѓа во Македонија, а при едно негово доаѓање во Скопје го направивме овој разговор.

Од каде тргна и како стигна до Шведска?

До нашата замислена последна дестинација нема чартер-лет, туку една долга и трнлива калдрма. Почнав во основното музичко училиште во Велес, на мои девет години, каде на аудицијата им одговорив дека сакам „да свирам како бато“. Мојот постар брат Кирил свиреше на кларинет и тоа ме привлече кон тој инструмент. Средно музичко училиште завршив во Штип. За време на школото, покрај наставниот материјал, почнав да свирам и на свадби. Така многу научив и за инструментот и за музиката.

Следуваше факултет во Скопје, каде останав две години, но ги прекинав студиите и заминав во Шведска, каде одново се запишав на факултет, овојпат на универзитетот „Лунд“ во Малме. Првото што го доживеав таму беше културен шок, од начинот на однесување меѓу студентот и професорот до комуникацијата со факултетската администрација. Факултетот го завршив во рок од четири години.

Веќе колку години живееш и работиш во Шведска?

Станаа 15 години како сум таму. Од тука заминав во 2004 година. Таму студирав четири години и потоа заминав во Мичиген, САД, на магистерски студии, но по една година се откажав и се вратив во Шведска. Но, повторно заминав во САД, овојпат во Чикаго, каде останав четири години и посетував часови на две легенди во кларинетскиот свет, Лари Комбс и Џон Брусје, двајцата од филхармонијата на Чикаго. За да можам да преживеам и таму свирев на свадби, а често патував од Чикаго во Детроит, каде имаше многу Македонци. Додека бев во Америка со други оркестри имавме гостувања во Јапонија и во Кина.

Во 2014 година се вратив во Шведска, каде живеам до ден-денес. Таму работам како надворешен соработник на Операта во Малме, но и на филхармонискиот оркестар во Хелсинборг. Досега никогаш не сум имал самостоен концерт и затоа го направив мојот прв солоалбум „Носталгична љубов“, со кој почнав и самостојно да настапувам. Во јануари 2020 ќе имам солистички концерт со „Норшопинг симфони оркестар“ во Шведска.

Љубовта кон кларитетот ти ја пренел брат ти, но каква страст ти чувствуваш кон свирењето на тој инструмент?

Како дете, слушајќи го брат ми како свири, почна и мене нешто да ме скокотка. Тоа што слушајќи ја таа музика почнав да се чувствувам убаво, посакав да видам како ќе биде ако сам ја свирам. Се разви голема љубопитност, а брат ми ми го пренесуваше своето знаење. Така се роди љубовта кон кларинетот. Сето тоа се случи благодарение на брат ми.

Свириш со филхармониски оркестри, а од друга страна настапуваш и на свадби. Што е разликата во манирите на користењето на кларинетот како инструмент во двете ситуации?

Има најмалку две разлики. Едната е психолошка, а другата е техничка. Психолошката разлика е што на свадба не смееш да размислуваш за секој тон, како што тоа се прави во настап со филхармониски оркестар. Кај класичната музика мора да го отсвириш тонот како што е напишан, додека на свадби не мора да внимаваш на дишењето или на техниката на изведбата, бидејќи таму музиката е поотворена кон слушателите. Свадбите секогаш сум ги сметал како работа за преживување, додека во настапите со големи оркестри ги вложувам целото мое знаење и квалитет.

Колку време ти требаше да го направиш првиот албум, од идеја до финалниот компакт диск?

Креативниот процес траеше долго време. Откако заминав во Шведска почнав да сфаќам дека нашата народна музика може да се свири на поинаков начин, кој ќе биде поразбирлив за поширок круг луѓе во интернационални рамки. На почетокот се снимав сам и го слушав отсвиреното. Одев и на концерти на кои слушав како една едноставна мелодија отсвирена на поетичен начин може да создаде голема моќ и енергија, да делува магично. Црпев информации од класичната музика, во која се содржани традицијата и тонот. Ако не научев да свирам класична музика, немаше да знам да го отсвирам материјалот што го снимив на мојот албум на поинаков начин. Така го изградив сопствениот стил на свирење на кларинет. Дури луѓето ме прашуваа на каков кларинет свирам, бидејќи тонот им звучеше поинаку. Креацијата се појави на крајот. Почнав да создавам свои композиции и конечно во август 2018 година почувствував дека сето тоа треба да се документира.

На еден фестивал во Шведска во 2018 година се запознав со Торбен Уландер, кој ми пријде и ме праша каде свирам, мислејќи на солистички концерти со моја музика. Откако му објаснив дека не сум имал самостоен концерт ми предложи да го направиме албумот. Продуцентскиот процес траеше од август 2018 до јануари 2019, кога влегов во студио и за два дена ги снимив албумот „Носталгична љубов“ со шведски музичари. Со тројца од музичарите се знаев од порано, а другите беа избрани од студиото.

Насловот на албумот јасно асоцира за каква носталгија станува збор, но такво чувство пренесува и дизајнот на обвивката на ЦД-то. Кој го направи дизајнот?

И тоа беше долг процес. Прво беше направена музиката, а потоа се појави насловот на албумот „Носталгична љубов“. Секој може да се пронајде во таков наслов, како асоцијација на детство, на драги луѓе, на првата љубов, на љубов кон својата земја. За обвивката немав идеја како да изгледа, но знаев какво чувство би сакал да предизвика кај тие што албумот ќе го имаат в рака. Почнав на интернет да трагам по дело кое најсоодветно ќе го исполни моето чувство. Така ја најдов фотографијата што е ставена на насловната корица. Фотографијата е на Роберт Крстевски од Крива Паланка, со кого лесно се договоривме да ја употребам за мојот албум. Дизајнот на целата обвивка по моја идеја е на Никола Станковиќ.

Планираш да останеш во Шведска или сакаш да се вратиш во Македонија?

Тука е мајка ми, во Велес, а со брат ми живееме во Шведска. Често доаѓам тука, но планирам да останам во Шведска. Таму почнав да се чувствувам како дома. Имам свој дом во Малме. Некако е поразлично таму. Не велам дека е подобро или полошо, туку моралот на луѓето е на многу високо ниво, има голема емпатија кон другиот, сочувствуваат со чувствата на соговорникот и многу се скромни. Таму не треба да бидеш фраер за да постигнеш нешто големо. Таму можеш и да си молчиш, а телефонот постојано да ти ѕвони со покана за настап. Таму треба да си фраер на сцената, а во животот сите сме исти. Тоа многу ми се допаѓа, бидејќи не мора да се буткаш со лакти, како што се случува на Балканот.

Промоцијата на албумот „Носталгична љубов“ на Благој Ламњов ќе се одржи на 9 декември, во 19 часот, во литературното кафе „Метаноја“ во Скопје.

Тони Димков

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе

Најпрво, важно е да се напомене дека поседувањето на оф-шор компанија не е нелегално само по себе. Во суштина оф-шор земјите нудат низа поволности како што се исклучително поволни стапки на данок. Всушност, некои од нив имаат нула стапка на данок. 

повеќе