Благодарение на истражувањата на Институтот за археолошки истражувања, предводени од Д-р Дамјан Донев, разјаснета е хронологијата на оваа населба, нејзиниот обем, како и основните црти на нејзината топографија. Откриени се одбранбениот ѕид со главните градски порти, градското средиште со Ранохристијанска базилика и неколку јавни градби со непозната намена, како и дел од градските некрополи. Со овогодинешните ископувања, беше пронајден и дел од градска улица на западната, највисока тераса, што претставува драгоцен податок за просторниот план на населбата.
Планирано е истражувањата на овој локалитет да продолжат и наредната година, при што, во соработка со Археолошкиот музеј во Скопје ќе бидат изведени геофизички снимања на делови од локалитетот.