„Античка драма“ и „Писма до пријателите“, нови изданија на ТРИ

Во издание на Издавачкиот центар ТРИ деновиве излегоа од печат книгите кои се занимаваат со литературата од античкиот/класичниот период-„Писма до пријателите“, книга која нуди избор од римската епистоларна книжевност и „Античка драма“ авторско дело на проф. Весна Томовска и проф. Даниела Тошева, која дава целосен приказ за појавата и развојот на различните драмски видови во хеленската и римската книжевност.

Книгата „Античка драма“ претставува сеопфатен научен труд кој ги контекстуализира драмските појави во нивниот автентичен историски, културен и лингвистички простор, и ја опишува посебноста и нужноста на различните авторски и генерички особености во процесот на менување на драмските видови.

Античката драма претставува сложена културна појава дефинирана со својот автентичен и реализиран идентитет во конкретна временска и просторна рамка. Таа претставува задолжителна почетна етапа во развојот на европската театарска уметност и драмска книжевност и обединува неколку драмски вида: трагедија, комедија и сатирска драма, еден лирски облик: дитирамб и препознатлив презентациски модел: театар. Од друга страна, античката драма обединува две култури: хеленската и римската и книжевна продукција на два јазици: старогрчкиот и латинскиот. И хеленските и римските драмски објави исполнуваат определена еволутивна задача во севкупниот развој на античката драма со што и се оправдува нивното здружено разгледување.

„Писма до пријателите“ во себе содржи избор од коресподенцијата на пет славни личности од римската историја – Кикерон, Хоратиј, Овидиј, Сенека и Плиниј Помладиот во кои дознаваме многу детали од нивниот живот и работа, за нивните карактери, за јавниот и политичкиот живот, за местото и улогата што ги имале во бурниот Рим. Исклучително образовани, создавале под влијание на филозофските школи актуелни во периодот и пишувале под влијание на општествено-историските настани испреплетени со нивните лични приказни кои се одвивале во тие најбурни времиња на римската цивилизација. Писмата се кратки состави и есеи, во стих и проза, вистински бисери на епистоларната книжевност,  многу познат книжевен вид во римската традиција.

Изборот на д-р Наталија Поповска потврдува дека односите меѓу луѓето кои се одржуваат преку писма се секогаш интригантни и дека писмата се многу повеќе од обичен текст или порака – тие се сведоштва на субјективно доживеани настани. 

 

 

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе