МЕМОРИЈАЛНА ИЗЛОЖБА

„Ана Франк - Историја за денес“ е отворена за посетителите во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Патувачката изложба „Ана Франк - Историја за денес“ е креирана од Младински образовен форум (МОФ) и „Куќата на Ана Франк“ од Холандија, и веќе е поставена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а ќе биде отворена од 5 до 29 февруари, со слободен влез од вторник до недела (10.00-15.00 часот), додека секој понеделник е затворена за посетители.

Отворањето на изложбата во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија го посетија над сто посетители, а обраќања имаа повеќе личности кои дадоа поддршка во организирање на изложбата.

Директорот на Меморијалниот центар, Горан Садикаријо изјави: „Нашата основна цел како Меморијален центар е сеќавање и едукација за Холокаустот на Евреите. Со таквата наша активност се спротиставуваме на сите видови предрасуди, ксенофобија, шовинизам, антисемитизам, исклученост и угнетување.“

Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Н.Е. Вилем Ваутер Пломп порача: „Сакам да служам на човештвото, напишала Ана во својот дневник. ’Сакам да ги зачувам моите идеали затоа што покрај сѐ, верувам дека луѓето се добри во своите срца‘. Кон тоа треба да стремиме, како претставници на нашите држави, институции, како индивидуалци во нашите животи.“

Амбасадорот Јован Теговски, координатор на ИХРА, кажа: „Се обидуваме да го поттикнеме интересот кај младите да го надградуваат своето знаење и да дадеме поддршка за сите оние млади луѓе кои сакаат да го проучуваат Холокаустот и да се обидат да станат амбасадори на Куќата на Ана Франк.“

Дона Костуранова, извршна директорка на МОФ рече: „Треба да ја поттикнуваме и охрабруваме соработката и спознавањето на младите од различните земји и оние со различни идентитети за да постигнеме интегрирани општества, каде постои соработка, а не поделби. Само со знаење и едукација може да ги победиме предрасудите и бариерите.“

Професорот Мишо Докмановиќ, кој учествуваше во креирањето на локалните панели на изложбата, порача: „Актуелните настани, страдањето на децата и младите, современите предизвици - ни покажуваат дека сѐ уште учиме од сопствените грешки и сѐ уште забораваме на значењето на младите луѓе, особено децата и нивната потреба да им се овозможат нормални услови за живот.“

Бесник Емини, кој даде експертски придонес во креирање на панели за Македонија, рече: „Ана Франк е една од илјадници такви приказни. Никогаш не би дознале за неа доколку таа самата не се потрудила да ги напише.“

Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија. Историја. Повјест – Лекции за денес“, а организатори се Младински образовен форум и „Куќата на Ана Франк“ од Амстердам.

Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Холандската амбасада. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан, кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на „Куќата на Ана Франк“ и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

Т.Д.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе