Амбасадорот Плевнеш, виртуелно, во Охрид, ја собира светската интелектуална елита

Амбасадорот Јордан Плевнеш, втемелувач на Светската академија на хуманизмот, на 19 јануари, верскиот празник Богојављение, во Охрид, ја собира светската интелектуална елита, овој пат, виртуелно, поради глобалната пандемија предизвикана од ковид-19.

Церемонијата на прогласување на академик Абдулах Шарчевиќ - добитник на Светската награда на хуманизмот, за 2021 година, ќе се одржи преку Интернет, на 19 јануари 2021 година, од своето традиционално место, Куќата на Уранија (Македонска академија на науките и уметностите) во Охрид - градот на УНЕСКО.

Заедно со церемонијата на прогласување на академик Абдулах Шарчевиќ, се организира и Интернационална онлајн конференција: „Охридска школа за хуманизам - од средновековната доба до денес, во Европа и светот“, со над 30 учесници кои ќе имаат свои излагања во траење од 5 до 10 минути.

Воедно, ќе биде одбележан јубилејот – 15 години постоење на Светската академија на хуманизмот.

Програмата содржи специјална музичка изведба на „Химната на Свети Климент Охридски“, во изведба на професор Љупчо Коскаров и професор Дарко Мариновски од Интернационал Универзитет Европа Прима.

Потоа следи Прогласот за академик Абдулах Шарчевиќ од Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина, добитник на Светска награда на хуманизам за 2021 година.

За славодобитникот ќе говорат академик Георги Старделов - добитник на Светската награда за хуманизам 2020 година и амбасадорот Јордан Плевнеш.

Наградата ќе ја врачи Константин Георгиевски, градоначалник на Охрид, по што ќе има говор за прифаќање од страна на академик Абдулах Шарчевиќ.

Учесници на Интернационалната  онлајн конференција: „Охридска школа за хуманизам - од средновековната доба до денес, во Европа и светот“, се познати имиња од светот на културата, литературата,политиката, хуманизмот - Жн-Патрик Конерад, професор по физика на Империјал колеџ во Лондон, Велика Британија и Преси Ден од Европската академија на науките, уметностите(EASAL), добитник на Светска награда на хуманизмот 2018 година, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, како и добитник на Светска награда за хуманизам 2019 година, академик Катица Ќулавкова (МАНУ), Слободан Шнајдер, хрватски писател и публицист, Фроса Пејоска - Бушеро, професор на ИНАЛКО, Париз, Фредерик Фапани фон Лотринген, од CNRJ (Cercles Nationaux de Réflexion sur la Jeunesse) од Париз, д-р Седрик Уанекпоне, добитник на наградата за млади хуманисти 2019, од Централно африканската република...

Од Македонија, исто така, учесници се Петар Јовановски, поранешен амбасадор во Индија, Драган Јањатов, македонски дипломат и публицист, професор д-р Љубомир Кекеновски и Љубомир Гајдов, од Филозофското друштво на Македонија.

„Основната мисија на Охридската академија за хуманизам е да се продолжи со визијата за Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој, во исто време, беше и првото училиште на хуманизмот, основано во 9 век. Тие беа ученици на апостолите Св. Кирил и Методиј. Во 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи Св. Кирил и Методиј за покровители на Европа. Охрид - градот УНЕСКО, е познат како „Словенскиот Ерусалим“ или „Балканска Венеција“, славејќи ја славата на Лихнидос (античкото име на Охрид) - Градот на светлината, низ целиот свет“, појаснува амбасадорот Плевнеш.

Досегашни добитници на Светската награда за хуманизам се: Даисаку Икеда, Јапонија, Маноел Де Оливеира, Португалија, Александар Соложеницин, Русија, Рави Шанкар, Индија, Питер Брук, Франција, Вида Огњеновиќ, Србија, Херта Милер, Германија, Светлин Русев, Бугарија, Џон Ралстон Саул, Канада, Дарко Гашпаровиќ, Хрватска, Јиржи Свобода, Чешка Република, Жан-Патрик Конерад, Велика Британија, Романо Проди, Италија, и Георги Старделов, Македонија.

В.М.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе