Јубилеј

45 години македонистика на „Ломоносов“ во Москва

Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов" – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката. По тој повод денеска ќе се одржи свечен настан преку платформата Зум, на кој ќе се обратат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, рускиот амбасадор во државава Сергеј Александрович Баздникин, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Северна Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов" и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" при УКИМ.

Работниот дел, соопштуваат организаторите, ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“, и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на универзитетот „М. В. Ломоносов“, а коишто како кадри пред сѐ излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков“ и Институтот за македонска литература при УКИМ..

Организаторите посочуваат дека во рамки на настанот, говорниците, одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без коишто отпочнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.

„Овој значаен јубилеј – 45 години македонистика на „Ломоносов“, којшто се одбележува во текот на годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, покажува дека мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес, но и дека обврзува и понатаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји“, соопштуваат од МСМЈЛК

Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, што се одржа на почетокот од оваа година, како и по извонредно организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.

Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе